Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Уметничката галерија во Куманово синоќа беше отворена изложбата на фото - графики „Заборавени“ на Марјан Шалајко Јаневски.
Публиката има можност да види 30 фотографии на стари и напуштени објекти во градот, дел од нив заборавени и запоставени од луѓето, а дел и од репрезентите на градот- Хотел Кристал или Занаетчискиот дом.
Авторот повеќе од четири децении ја негува вештината на создавање на уметничка фотографија, а ова е негова петта самостојна изложба.
„Шалајко ги создава овие уметнички дела благодарение на тоа што биле така оставени и заборавени, а со својот објектив и особена уметничка перцепција успева да го пренесе нивниот физички изглед, нивната форма. Перцепцијата што ја поседува да пронајде убавина во тоа што е заборавено, напуштено и оставено на забот на времето, умешноста да со фотографска техника го забележи моментот, а користејќи современа дигитална техника го издвојува како автор“, истакна Драгана Спасковска, виш кустос во Музеј Куманово.
Во наредниот период Марјан Јаневски ќе се ангажира на изработка на монографија и уште една изложба на фотографии создадени на музичкиот фестивал во Рединг, Велика Британија на почетокот на 90-тите години. Досега има освоено повеќе од пеедесетина награди во државата и светот. Тој е долгогодишен член на Фото кино клуб „Козјак“ Куманово.