Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Благо се намалени цените на станови кои се изнајмуваат во градот. Сопствениците кои издаваат станови велат дека ако ги зголемат цените свесни се дека ќе ги изгубат кираџиите. Во просек двособен стан во Куманово се издава за 100 евра.
Луѓето кои дошле од село и тука престојуваат заради работа се жалат дека сметките за комуналии им се превисоки. За двособен стан месечно ми плаќаат по 5.000 денари. Јас барам пари три месеци однапред. Не е дека се плашам дека кираџиите ќе избегаат и ќе ми остават неплатени сметки, туку ми требаат пари. За ѓубре сметката е фиксна. За вода еден човек месечно троши по 100 денари. За струја се зависи дали е лето или зима, дали се грејат на струја или на дрва - вели сопственик на стан.
Други пак објаснуваат дека цените за кирии еднаш се намалени, и повторно намалување не е потребно. Миодраг Ангеловски вели дека за стан од 64 квадратни метри со години потстанарите му плаќаат кирија од 90 евра.
Луѓето кои живееја тука пред извесно време си отидоа. Немаат поплаки за нас, се беше во ред, ама скапо им е. Човекот е градежник и зема плата од 300 евра. Од тие пари 100 евра троши за сметки, 90 за кирија и со остатокот не може да преживее. Си кажа поубаво во село ќе бере дрва, ќе се врати таму бидејќи не се издржува. И во право е. Сведоци сме дека се поскапува, ама ние цените ако ги качиме становите ќе ни стојат празни - додава Ангеловски.
Огласниците на интернет се преполни со понуди. Газдите издаваат станови, соби, куќи за семејни луѓе, самци или работници. Зависно од локацијата и опременоста на просторот се дефинира и цената. Се среќаваат и такви огласи каде за изнајмување на соба газдите бараат 4.000 денари месечно.