×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Дрва и гранки заглавени под мостот во Проевце, надлежните си ја префрлаат одговорноста кој треба да ги исчисти (видео)

    29.11.2023 12:37 | Оливера Пешевска

    Веќе четири дена надлежните институции во Куманово не преземаат ништо за да го исчистат речното корито на реката Кумановка под мостот  во селото Проевце, во кое има паднати дрвја, гранки и смет. 

    Иако уредно се информирани од Центарот за управување со кризи (ЦУК),  дека постои опасност од оштетување на мостот, тие си ја префрлаат одговорноста.

    Пријавата дека на столбовите на мостот има насоберено ѓубре стигнала на 25 ноември до ЦУК, по што била известена Општина Куманово. 

    „На 25.11.2023 година во 19.30 часот,  на службен мобилен телефон ни се јави вработен на ЈП „Водовод“,  кој не извести дека во с. Проевце на мостот има насоберено повеќе гранки од дрва, кои претставуваат опасност за можно уривање на мостот. Од наша страна известено е лицето за контакт на Општина Куманово каде не известија дека било во надлежност на „Водостопанство“. Го известивме веднаш директорот на „Водостопанство“ каде не извести дека тоа било во дометот на општина Куманово, а вон градот е надлежност на ЈП „Водостопанство“, но немале таква соодветна машина и не можеле да го решат проблемот. Така да до овој момент ништо не е преземено за решавање на овој проблем“, стои во известувањето на Регионалниот центар за управување со кризи.

    Локалните жители, кои денеска ги сретнавме кај мостот, велат дека реката Кумановка во тој дел на градот никогаш не е чиста, но по последните врнежи од дожд и топењето на снегот зголемен е водостојот, па донела дополнителни количини на смет. Тие се плашат дека доколку не се исчисти навреме постои опасност од поплави, бидејќи ѓубрето ќе го намали протокот на водата и ќе направи брана.

    „Започна сезоната на поголеми врнежи, топење на снег па и водостојот е зголемен. Ние сериозноста ја сфаќаме само кога ќе се направи беља, затоа што ова подолго време стои така. Има стебла од топола, насоберени гранки, кои го попречуваат текот и го задржуваат отпадот фрлен во реката. Што ќе биде не знам, нема да е прв пат да не поплави, но што ако попушти мостот ќе останеме отсечени од градот. Може некој да биде повреден или не дај боже и полошо“, изјави пензионер, жител на Проевце.

    Денеска, кога ги побаравме надлежните да прашаме зашто не се чисти реката, од Секторот за комунални работи не упатија на Кризниот штаб на Општина Куманово, но началникот не сакаше да дава информации и изјави на медиумите. Директорите, пак,  на ЈП „Водовод“ и “Чистота и зеленило“ не се запознаени со случајот, а за да постапуваат во вакви ситуации морале да добијат налог од општината.

    Единствено од АД „Водосопанство Кумановско- Липковско поле“, кажаа дека тие не се надлежни за решавање на проблемот.

    „Известен сум за состојбата на мостот, но тој не е под наша ингеренција. Секаде каде има Генерален или Детален урбанистички план, општината има надлежност да ги чисти реките, така да расчистувањето на речното корито треба да го организираат локалните власти. Ние и немаме соодветна машина за изведување на таква работа“, изјави Оливер Илиевски, директор на подружницата Кумановско-Липковско поле.

    И додека се најде кој ќе го чисти речното корито, на жителите на Проевце им останува да се молат да нема обилни дождови и да не надојде реката.  

     

    Дрва и гранки заглавени под мостот во Проевце, надлежните си ја префрлаат одговорноста кој треба да ги исчисти (видео)