Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Медиумите треба да му посветат поголемо внимание на родовото известување и да ја зголемат застапеноста на содржини кои се однесуваат на родовата еднаквост.
Важно е да се зголеми присуството на жените во различни општествени и професионални улоги, како и да се користи родово сензитивен јазик. Само преку позитивни приказни и истражувачки новинарски стории може да се разобличат доминантните стереотипи поврзани со патријархалните модели на размислување за жените и нивната улога во општеството.
Ова е генералниот заклучок од анкетата што ја спроведе Кумановоњуз за родовото известување во медиумите, чија цел беше да се истражи како публиката ги перципира родовите улоги, еднаквоста и прашањата поврзани со родовата дискриминација, како и да се дадат препораки за подобрување на медиумскиот дискурс.
На прашалникот одговорија 22 лица, од кои 72,7% се жени. Малата застапеност на испитаниците може да укаже на недоволното разбирање и свесноста на публиката за важноста на родовата еднаквост и родовото известување во медиумите, како и на недоволната заинтересираност за овие теми. Според возраста, најголемиот дел од учесниците (50%) се во групата од 55 до 64 години, додека останатите возрасни категории се помалку застапени.
Резултатите од анкетата откриваат дека родовата еднаквост не е редовна тема во медиумите. На прашањето „Колку често се среќавате со медиумски содржини поврзани со родовата еднаквост?“, најчести одговори беа „повремено“ (45,5%) и „ретко“ (40,9%). Родово заснованото насилство е најчесто опфатена тема при медиумското известување (45,5%). Ова укажува на фактот дека жените се често изложени на различни форми на родово насилство, што ја потенцира потребата за повеќе истражувачки новинарски стории и медиумски содржини кои ќе придонесат за искоренување на овој голем и сериозен проблем. Значително помалку се застапени содржини поврзани со жените во политиката, женското здравје и животните приказни. Дискриминацијата и учеството на жените во јавниот живот се најмалку присутни теми во медиумските содржини. Изненадува тоа што анкетираните сметаат дека жените се често застапени во медиумските содржини (54,5%), главно како експертки, соговорнички и новинарки. Меѓутоа, значителен број испитаници (22,7%) мислат дека жените многу ретко се застапени како активистки, претприемачки и лидерки.
Во однос на користењето на родово сензитивен јазик, резултатите покажуваат дека медиумите односно новинар(к)ите не го применуваат во доволна мера. Само 18,2% од испитаниците сметаат дека новинар(к)ите често употребуваат родово сензитивен јазик, додека 40,9% одговориле дека тоа се случува повремено. Ова наметнува потреба за поголема едукација на медиумските работници во оваа област.
Патријархалните стереотипи за жените сè уште се силно присутни во медиумите. Речиси половина од испитаниците (45,5%) сметаат дека жените многу често се прикажани како домаќинки (40,9%) или како сопруги и мајки (по 27,3%). Ова покажува дека и натаму во јавниот дискурс доминира традиционалната патријархална претстава за жените.
Доколку медиумите сакаат да придонесат за родовата еднаквост и искоренување на родовите стереотипи, тие треба да ја зголемат видливоста на жените во општествениот и јавниот живот, прикажувајќи ги како еднакви, активни, компетентни и еманципирани членки на заедницата. Околу една третина од анкетираните сметаат дека треба да се поддржат истражувачки приказни кои ги разобличуваат родовите стереотипи, а 27,3% веруваат дека повеќе позитивни приказни за жените би имале афирмирачки ефект. Зголеменото присуство на жени од различни социјални и етнички групи, како и нивното претставување како експертки и лидерки, исто така, би придонело за поинклузивно родово известување.
Ова размислување на испитаниците укажува на потребата од дополнителна едукација на новинар(к)ите за родово сензитивно известување, што го потврдуваат и 77% од испитаниците кои го сметаат ова за неопходно. Оваа анализа ја нагласува клучната улога на медиумите во создавање поинклузивен и балансиран простор за родовата еднаквост. Фокусот треба да биде ставен на зголемување на видливоста на жените во различни улоги, особено како носителки на позитивни општествени промени. Препораките се насочени кон одговорно користење на родово сензитивен јазик и подобро разбирање на родовите прашања, со цел искоренување на стереотипите и патријархалните претстави за општествeната улога и позиција на жените.