Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Соколански парк се оддржа по четврти пат трка со ролери на која се натпреваруваа педесет деца од основните училишта во градот.
Поединечно сите ученици ја поминуваа патеката на која имаше препреки, а кон крајот децата од дадени зборови составуваа реченица. Се мереше времето на секој натпреварувач.
Кристина Маринчевска од ОУ “Крсте Мисирков“ го освои првото место на второ место е Терим Јусени од ОУ “Бајрам Шабани“, а трета е Ариела Величковска, ученичка од ОУ “Браќа Миладиновци“. Тројцата најдобри добија подарок книга, ранец и капче. За сите училишта кои беа на денешната трка има и пофалници.
За разлика од лани сега има поголем број на учесници. Секоја година полигонот е различен, значи има разновидност. Иницијативата беше на Општинскиот сојуз на училишен спорт и на Црвениот Крст. Сите други спортови веќе беа исцрпени и мислевме дека треба да има натпреварување со ролери. Ваква трка има само во Куманово мислам, нема на други места во Македонија. Децата почнаа да се занимаваат масовно со возење на ролери за да учествуваат и да покажат подобри резултати - рече Ивица Георгевски, професор по физичко во ОУ “Вук Караџиќ“ и претседател на Општински сојуз на училишен спорт.
На самото место децата доаѓаа, се пријавуваа и почнуваа со трката. Секој учесник плаќаше по 30 денари, а парите кои се собрани ќе се наменат за хумани цели. Најбројни беа децата од ОУ “Крсте Мисирков“, вкупно 28.
Има голем одзив. Ние ограничивме од секое училиште да дојдат по 10 деца, ама дојдоа повеќе и подобро е така. За парите собрани од настанот сеуште не е одлучено, или ќе бидат донирани за Дневниот центар или за некое дете на кое му е потребно лекување - вели Сања Стојмановска, координатор на млади во Црвен Крст.
За сумирање на резултатите беа задолжени волонтерите од Црвен Крст. Настанот го проследија и родителите. Тие сметаат дека вакви спортски активности треба да има почесто.
Мојата ќерка се натпреварува, и не е важно дали ќе победи, важно да учествува. Само во иднина да носат децата заштита на колена или на глава, ако случајно паднат да не се повредат - изјави Сузана Милковска, родител.
Професорите по физичко воспитување се согласија дека секоја година интерес има се повеќе и децата напредуваат во возење ролери.