Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓаните на Куманово се со поделени мислења за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, за преименување на плоштадот Нова Југославија во Македонија.
Но, сите се согласуваат дека политичарите треба да се справуваат со сиромаштијата, невработеноста, судството и другите горливи проблеми.
Јадранка Јовиќ, граѓанка
Мене не ми е важно да се смени името, затоа што израснав во Југославија, знам како ми беше и како ми е сега. Не би ми пречело да остане името Нова Југославија. Не ми е до смена на имиња, тоа ми е последен приоритет. Има многу поважни проблеми за решавање, здравството на пример, се плаќа, а божем е бесплатно.
Слободан Костовски, граѓанин
Може да се смени, затоа што Нова Југославија не постои. Имињата сепак се спореден проблем. Да ги решиме другите проблеми, да го средиме судството, финансиите, приватизацијата, сè е катастрофа.
Ивана Димитријевска, граѓанин
Јас сум за да се смени во Македонија. Нема логика да биде Нова Југославија затоа што не сме веќе во Југославија. Има многу поважни проблеми реално од менување на имиња. Да ги направат улиците. Јас живеам во сред центар, кај Гимназијата и многу улици не се направени. Има многу проблеми и во државата и во градот. И администрацијата е катастрофа. Сто документи ќе ви побараат на шалтер, известувања нема за ништо.
Трајче Спасовски, граѓанин
Јас сум за, зошто да биде Нова Југославија, нека биде Македонија. Ние сме Македонија. Ја поддржувам иницијативата и би се потпишал. Може да се реши сиромаштија, невработеност, социјалните случаи и малку инфраструктурата да се подобри, многу сме за никаде.
Милојко Трајковски, граѓанин
Не пречи и Нова Југославија, ама може и Македонија да биде. Мене ми одговара и едното и другото. Би се потпишал за смена на името, зошто да не.
Сања Росевска, граѓанин
Лично мене нема ништо во животот да ми се смени ако името на плоштадот го сменат или остане исто. Има многу поважни работи кои треба да се решат, како невработеноста посебно на младите луѓе, социјалните случаеви, првенствено патиштата, Автобуската станица, хигиената и да се направат поубави паркови.