Подрачната единица за земјоделство ќе работи и за викенд за поднесување барања за субвенции
Рокот за поднесување за барања за пријавување за субвенции за Програмата за директни плаќања за 2020 година, истекува на крајот на месецов, односно 31.07.2020 година. Со цел да им се излезе во пресерет на сите земјоделци кои сакаат да поднесат барања за субвенции, сите Подрачни единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ќе работат и за време на викендот (сабота и недела) до истекување на рокот за доставување на апликациите.

Подрачната единица на МЗШВ во Куманово претстојниот викенд (сабота и недела) ќе работи од 07 и 30 до 15 и 30 часот.
„Барањата се поднесуваат по електронски пат, самостојно, од страна на барателите со регистрирање во системот на веб страната на Агенцијата за финанисиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ( www.ipardpa.gov.mk), кадешто е ставено упатството за аплицирање“, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Оние земјоделци кои не можат електронски да поднесат барања или имаат потреба од помош при пополнување на електронските барања, можат да се обратат во Подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во целата држава, кои им стојат на располагање за се што ги интересира во врска со поднесувањето на барањата. Исто така, на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се објавени телефонските броеви на раководителите на сите Подрачни единици на МЗШВ, со цел земјоделците да имаат можност и телефонски да побраат помош, соопшти МЗШВ.
Во овој период, се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади. Исто така, до крај на месецот барање за добивање на финансиска поддршка може да достават и сите кои се занимаваат со сточарско производство, односно, одгледуваат говеда, овци, кози, пчели свињи а може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица.
Со цел да се спречат вообичаените гужви, изготвени се списоци по азбучен ред, а онаму каде има потреба, ќе се работи и во смени.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство отвори дополнителна канцеларија од времен карактер во општината Старо Нагоричане.
(Д.Д)