Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Полициската станица во Куманово е запуштена, а полицајците се нељубезни и незаинтересирани за проблемите на граѓаните, сметаат советниците на СДСМ во Советот на Општина Куманово. На последната седница , кога на дневен ред беше извештајот за работата на Полициската станица од општа надлежност Куманово, за последното тромесечие на мината година, советниците изнесоа остри критики за работата, пристапот и однесувањето на полициските службеници, задолжени за безбедноста и одржувањето на јавниот ред и мир во градот.
Полициската станица во Куманово изгледа како училиштето во селото Облавце, или било кој друг запуштен објект во кумановските села. Просториите каде што треба граѓаните да ги пријавуваат проблемите се толку валкани што е срам за една таква институција. Полицајците пак се приказна за себе, тие воопшто не се заинтересирани за работата за која се платени. Пред извесно време сакав да пријавам кражба на старо железо на пругата Куманово-Бељаковце, но службеникот воопшто не сакаше да ја евидентира, туку ме упати да пријавам во друга служба и на друг телефон, наместо тоа да го стори тој- реагираше во својата дискусија советникот Зоран Колевски.
Советниците сметаат дека таквото однесување на поединци ја деградира работата на вистинските професионалци и допринесува граѓаните да ја губат довербата во полицијата. Како посебно неприфатливо за времето во кое живееме, советниците ги посочија огромните гужви при вадењето на лични документи во Управната зграда на СВР-Куманово.
Сите сме се нашле во прилика да видиме што се случува таму, и затоа несакам посебно да коментирам. Но затоа барам од МВР што побрзо да најде соодветен простор за да ги пресели службите. Можеби поранешната зграда на ЗИК, откако ќе се иселат учениците, ќе одговара за потребите на полицијата- рече советникот Максим Димитриевски.
Новиот командир на полициската станица Антон Витковски, кој е на функцијата само еден месец, призна дека советниците се во право за дел од забелешките, но се правдаше дека за сите наведени проблеми не се виновни само тие. Просторните проблеми не можат самите да ги решат, а вети дека заедно со новиот началник Моме Јакимовски, ќе работат на отстранување на пропустите кај вработените.
Културата на вработените е зголемена, но сеуште има простор за работа. Во неколку случаи каде е пријавено непрофесионалното однесување на полицајците, веќе се опомнати прекршителите, а ако се повтори ќе бидат и дисциплински санкционирани. Ги повикувам граѓаните да ги пријават сите недостатоци и кривични дела, и да имаат доверба во нашата работа, бидејќи само заедно можеме да ги решиме настанатите проблеми- одговори командирот на обвинувањата.
Тој најави дека има поднесено барање за дислокација на управните служби , затоа што сегашниот мал и несоодветен простор не може да опслужи 140.000 жители од трите општини Куманово, Старо Нагоричане и Липково. Тоа го вети и министерката Јанкуловска при последната посета на СВР-Куманово.