Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Семејствата чии домови беа поплавени кон крајот на февруари годинава сеуште немаат добиено отштета за претрпената штета.
Жителите на населбата Средорек, улица “Никола Тесла“, делот кај Митев мост, се жалат дека поплавени куќи и помошни простории сеуште не ги поправиле затоа што немаат пари, а не можат ни да го заменат оштетениот мебел и покуќнина.
Добивме само 15.000 денари помош од Владата, друго ништо. Имаме многу штета, ама не е платено ништо. Не сме само ние, туку сите што се долу во Средорек се поплавени. По поплавите исчистивме колку можевме. Барање поднесовме за да не обештетат - вели Анифе Садики, жител на Средорек.
Од Општина Куманово објаснуваат дека проценка на штетите е направена, извештај е изготвен и доставен до надлежната владина комисија. Валетина Алексовска, секретар на Општина Куманово вели дека за штетите причинети од поплави во 2005 и 2011 година ништо не е исплатено на граѓаните.
Кога побаравме во 2011 година да ни дадат информација до каде е постапката за обештетување, во 2013 година добивме одговор од Комисијата за проценка на штети дека дополнително ќе ја известат општината за активностите што ќе ги преземат. Што се однесува за тоа дали средства се обезбедени во буџетот се прогласуваат за ненадлежни и такви информации нема од каде да добиеме - изјави Алексовска.
Годинава и пред две години со поплави беа зафатени околу 800 семејства во кумановско. Од Владата за одговор не упатија во Министерството за финансии, но и од оваа институција не кажаа дали во буџетот се предвидени пари за обештетување од поплави и кога граѓаните ќе ја добијат помошта.