Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Основениот суд Куманово, денеска по вторпат беше одложено судењето на градежната инспекторка Лидија Трајковска (60), која е обвинета за примање поткуп откако во октомври минатата година беше фатена додека зема мито од 4.000 евра од кумановски градител.
Одложувањето на главната расправа беше на предлог на одбраната, која побара време да ги проучи доказите кои денеска ѝ биле доставени од обвинителството, како и поради влошената здравствена состојба на обвинетата која денеска имала закажана контрола во болницата „8 Септември“ во Скопје, за да се утврди дали и е способна да го следи судењето и да се изјасни во однос на обвинението.
Трајковска во судот беше донесена со инвалидска количка.
Минатато рочиште било одложено поради отсуство на бранителите, едниот имал друго судење, а вториот нагло се разболел. Адвокатот кој минатиот пат бил болен, денеска поради повреда не можел да зборува, и го откажал полномоштвото во овој предмет.
Судечкиот судија ја повика одбраната да не го одолговлекува судскиот процес.
Наредното рочиште е закажано за 7 март.
Инспекторка Трајковска беше уапсена на 1 ноември во ресторан во Куманово, додека прима поткуп од 4.000 евра. Како што соопштија тогаш од МВР, на 25 септември 2024 граѓанин пријавил во СВР Куманово дека овластениот градежен инспектор Л. Т. при Општина Куманово, која вршела контрола на објект во изградба кој оштетениот го градел и на кој пријавената при контрола на записник констатирала отстапување од одобрението за градење, а за да не му издаде решение за запирање со градење и да не му поднесе соодветна пријава до надлежно ОЈО или суд, му побарала поткуп најпрво сума од 1.500 евра, за да на 31.10.2024 ја покачи сумата за поткуп на 4.000 евра.
Притворот за Трајковска од судија на претходна постапка е одреден на 2 ноември мината година, поради можно влијание на сведоци и попречување на истрагата. Во меѓувреме истрагата завршила и подигнато е обвинение, а притворот ѝ е продолжен и потврден од Апелациониот суд во Скопје.
Семејството на градежната инспекторка на 4 февруари го обвини Кумановскиот суд дека го крши законот со продолжување на мерката притвор, откако не ѝ била прифатена гаранција во недвижен имот, за да таа биде пуштена во домашен притвор.
Вчера во Кумановскиот суд било одржано судење за друг предмет, во кој оваа инспекторка е осомничена за злоупотреба на службена положба и областување.