Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дневниот центар за лица со попреченост „Порака наша“ од Куманово слави 18 години постоење и успешна работа.
На роденденот присуствуваа голем број пријатели и донатори, кои помагаат центарот да опстои во изминатиот период. „Порака наша“ помина пат исполнет со многу предизвици, труд и истрајност, и денеска заслужено се наоѓа на местото на кое му припаѓа. Тоа е единственото здружение во регионот кое се грижи за лица со умерена и тешка попреченост над 18 години.
„Искуствата во работата со оваа категорија на лица како и искуствата кои ги разменивме со другите земји јасно ни ја покажаа потребата дека треба да одиме чекор напред од досегашната работа. Лицата со интелектуална попреченост покрај тоа што треба да ги научат вештините за самостојно живеење исто така треба да стекнуваат и работни вештини. Сметаме дека Центрите за рехабилитација и реинтеграција преку давање на услуги за професионална рехабилитација ќе допринесат за подобрување на состојбата на лицата со попреченост и дека после извесен период на обука ќе можат да бидат конкуренти на пазарот на трудот со што значително ќе се подобри квалитетот на нивниот живот и постепено ќе ја постигнуваме целта кон самостојно живеење“, изјави Фросина Симоновска - Антевски.
Во моментот центарот го посетуваат 21 корисник, а стручниот тим која работи со нив најавува унапредување на квалитетот на животот на лицата со попреченост и нивните семејства.
„Со оглед дека социјалната услуга центар за рехабилитација и реинтеграција е релативно нова Центарот има потреба од унапредување на работата и збогатување на услугите за прoфесионална рехабилитација. Преку проектот "Зборувај тивко, делувај гласно" – „Порака Наша“ доби машини за печатење и производство на разни предмети, маици, торби, шољи, чаши и други материјали“, вели Мартина Костовска.
Јелена Стаменковиќ смета дека она на што ќе се фокусираат е стекнување со нови вештини и обезбедување на иновативни можности за работа на лицата со попреченост со цел нивно работно оспособување и полесно вклучување на пазарот на трудот.
Здружението од 2023 година е лиценциран давател на социјалната услуга и Центар за рехабилитација и реинтеграција, и финансиски е поддржано само од Министерството за труд и социјална политика и донатори.