Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пожарот на депонијата "Краста", каде сеизнесува сметот од Куманово, е значително намален, но ќе продолжи да тлее и чади и во наредните неколку дена.
Акцијата за затрупување на жариштето се уште е во полн ек, иако е покриено повеќе од половина од зафатеното подрачје, информираат надлежните од „Чистота и зеленило“.
„Интензивно се носи земја и се затрупува местото, локацијата на жариштето е покриена повеќе од половина. До вечерва би требало да завршиме со интервенција, но чадењето ќе продолжи уште неколку дена. Таков е природниот процес, но, за среќа многу е намалена количината на чад“, истакна директорот Ненад Стојановски.
Чадот е забележан во недела наутро, по што се алармирани надлежните служби. На терен излегла екипа на ТППЕ Куманово, полицијата и инспектор за животна средина. Направен е увид во состојбата и изработен е записник, а на претпријатието е наложено да се преземат мерки против разгорување и ширење на огнот. „Чистота и зеленило“ по сила на законот има 7 дена да ја санира состојбата на депонијата.
Според првичните индикации огнот се појавил како последица на гасови кои се ослободуваат при разградување на сметот.