Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пратениците не ги анализираат аргументите на политичките противници, покажува истражувањето на Институтот за демократија спроведено во период од десет месеци од мај/јуни лани до мај/јуни годинава.
Според анализата на дискусиите на повеќе од сто седници, во 67 отсто пратениците не се осврнуваат на аргументите од другите говорници и обично имаат паралелни образложенија за законите. Многу ретко се случува врз основа на изнесените аргументи, некој пратеник да ја смени позицијата.
Малку беше уникатен периодот во кој го правевме мониторингот. Недостасуваше опозицијата и имаше десет пратеници од опозицијата само. Тоа не е типичниот амбиент во кој работи македонското Собрание, меѓутоа ние не сме воодушевени од квалитетот на дебатата имајќи во предвид дека во тој период само еднаш сме лоцирале пратеник кој ја сменил позицијата и при тоа јавно истакнал дека го прави поради аргумент од друг пратеник - изјави Јане Димески, координатор на проектот во Институт за демократија.
Абедин Зимбери, поранешен пратеник од Нова демократија од нашата изборна единица на тркалезната маса го сподели своето искуство и кажа дека во негово време имало повеќе дебата и време за да законите се разбработат како што треба.
За еден закон се дебатираше по неколку дена, а сега се стеснува тој момент на дебатирање и законите се донесуваат на многу брз начин. Не може некој пратеник да ги чита, а не пак да ги разработува. Ова не е во ред општо да се донесуваат толку закони. Пратениците барем да ги прочитаат, не знаат ни за што гласаат - рече Зимбери.
Новинарката Мира Костиќ од македонско радио која го следи Собранието вели треба Владата може се да предложи, но пратениците не мора сè да прифатат.
Кога имате едно излагање кое е навистина стерилно, едноставно не нуди ништо ново, се чита образложение на закон и толку. Нема пратеник кој влегол во анализа зошто тоа законско решение би било поволно за граѓаните. Какви бенефити би донело. Нема поттик за реплика во едно такво излагање - кажа Костиќ.
На тркалезната маса беше кажано дека граѓаните преку медиумите не добиваат доволно информации за тоа што се дебатира во Собранието, туку сè се спомнува низ призма на политичката криза или работата на партиите. Институтот за демократија и во наредниот период ќе ги мониторира дискусиите во Собранието. Во периодот од десет месеци анализирани се 2258 дискусии.
На тркалезната маса имаше претставници од ЏЕФ Македонија, новинари кои ја следат работата на Собранието, присуствуваше пратеникот Самка Ибраимовски и поранешниот пратеник Абедин Зимбери, додека актуелните пратеници од нашата изборна единица заради работните обврски не дојдоа.