Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во просториите на Црвен Крст Куманово денеска беше прикажан филмот “Приказна за една идеја“, преку кој беа презентирани почетоците и делувањето на Црвениот Крст во светот.
Швајцарскиот претприемач Анри Динан во 1859 година за време на деловно патување, бил сведок на последиците од Битката во Солферино, во денешна Италија. Своите сеќавања и искуство ги запишал во книгата Сеќавање на Солферино, која била инспирација за создавање на Меѓународниот комитет на Црвен крст во 1863 година. Денес во светот постојат 189 национални друштва на Црвен Крст и црвена полумесечина. Меѓународниот комитет на организацијата реагира во случај на конфликти и војни, а меѓунардната федерација се вклучува кога има природни катастрофи.
Имаме седум основни принципи по кои се движи Црвен Крст: хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволна служба, единство и универзалност. Тие се основни, на времето имало 14, па потоа 17, а во последниве 50 и повеќе години се овие 7 принципи. Се смета дека овие се најпожелни принципи - изјави Раде Ристиќ од Црвен Крст Куманово.
Секаде каде има активности Црвен Крст, местото и возилата се видно обележани со 4 амблеми, црвен крст на бела позадина, црвена полумесечина на бела основа, црвен лав и сонце на бела основа кој се користи во Иран и црвен кристал на бела основа кој се применува во Израел.
Сања Росевска од Црвен Крст објасни дека во Македонија постојат 34 општински организации на Црвен Крст , плус една на Црвен Крст на град Скопје.