Прием кај градоначалникот за 11 Ноември
По повод 11 Ноември-Денот на ослободување на Куманово, денеска градоначалникот Зоран Дамјановски ги прими поранешните градоначалници, борците, ветераните и командирот на ТППЕ Куманово.

Од поранешните градоначалници присутни беа Слободан Ковачевски, Благе Кипријановски и Бајрам Сулејмани. Пред присутните Дамјановски говореше за 71 година од ослободувањето, случувањата кои беа актуелни оваа година, терористичкиот напад од 9 и 10 мај и бегалската криза.
Оваа 2015 година Куманово се соочуваше со големи проблеми, покрај елементарните непогоди кои ни се случија во два наврати, поплавите пролетниот и есенскиот дел. Се соочувавме и со предизвици од безбедносен карактер, а тоа е 9 и 10 мај кога во Куманово имавме еден вооружен конфликт кој не е запаметен во поновата историја на Куманово. Како град кој важеше за град со етнички соживот, мултикултурализмот, толеранција, разбирање, хуманост, се претвори во најцрна терористичка точка во Европа“ - изјави Дамјановски.
Пред присутните се обрати и борецот Спирко Зафировски кој се потсети на ослободувањето на градот. Со Германците воделе борби на потегот меѓу Куманово и Крива Паланка, а на 11 ноември окупаторите го минирале надвозникот на Врањско џаде и пругата кај Спомен костурница и почнале да се повлекуваат. Кажа дека борбите траеле од 1 до 11 ноември, а по победата биле еуфорично дочекани во Куманово.
Дочекот во Куманово беше величествен. Ни аплаудираа, не поздравуваа се до центарот на градот, тогашна Тумба оти таму беше зборно место. Откако влеговме во Куманово не следеа луѓето , упаѓаа во редови, а посебно децата кои ни ги земаа капите и автоматите и ги носеа. Кога стигнавме на плоштадот градот беше преплавен од луѓе од секаде - кажа Зафировски.
На приемот не дојдоа претставници од АРМ и МВР иако беа поканети.