Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Полицијата го уaпсила Ф.А. (35) од Куманово, под сомнение дека ги предизвикал пожарите во деловниот објект и на три автомобили во Куманово.
Тој бил пронајден на подрачјето на Бит Пазар, откако претходно биле добиени оперативни информации за неговото движење. Во координација на СВР Куманово со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ноќеска во 1.10 часот го привеле.
„Ф.А. (35) од Куманово се сомничи дека на втори декември во Куманово опожарил три патнички моторни возила и еден деловен објект. Тој бил приведен и задржан во Полициска станица Куманово и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава“, соопшти СВР Куманово.
Во пожарот е запалена е канцеларијата на Фитор Јакупи, советникот на ДУИ во Советот на Општина Куманово, и автомобилот на обвинителот Џелал Бајрами.
„Пријавен е опожарен деловен објект на улица ’11 Октомври’, сопственост на М.Ј. од Куманово, како и опожарени три патнички возила на улиците ‘Трст’, ‘Вардарска’ и ‘Никола Вапцаров’ во Куманово. Патничко моторно возило ‘фолксваген пасат’ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на Џ.Б., патничко моторно возило ‘ауди’ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на А.Е. и патничко моторно возило ‘ауди’ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на М.Ш.. Пожарите биле изгаснати од екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема“, соопшти тогаш МВР.