Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Основниот суд Куманово денеска продолжи судењето на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, обвинет од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени за неиздавање дозвола за градба.
На рочиштето беше презентирано градежно вештачење на предлог на одбраната на Димитриевски.
Вештото лице кажа дека за секое барање за дозволи, Општината може да се произнесе негативно доколку не е комплетна документација, или, пак, не е во согласност со законот и важечкиот ДУП, како во случајот кога тој бил суспендиран по барање на Гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствен дом. Таа потврди дека има трошоци при поднесување на барањето, за електрика, статика, во зависност од планираниот објект. На рочиштето, вештото лице кажа дека немало повреда на право на компаниите.
Одговарајќи на прашања на обвинителката и на адвокатите на компаниите, беше кажано дека законскиот рок за подготовка на пресметката за комуналии е два дена. Адвокатите алудираа дека општината ја издала дури по два месеци и сè до донесувањето на одлуката за суспензија, важечкиот ДУП е на сила.
Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на две фирми од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од Кривичниот законик.
Сега, фирмите бараат оштета од 3,3 милиони денари, средства кои ги потрошиле за документацијата која е неопходна за добивање на дозвола за градба, како и за 4 договори и уплати на три фирми за отпочнување на работите на терен како подготовка за градежните активности. Со тоа што градоначалникот не им ја потпишал дозволата во предвидениот законски рок туку после 1 година тие претрпеле штета, која бараат сега да им се надомести.