Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сопствeниците на станови повторно ќе можат да аплицираат за средства од организацијата „Хабитат Македонија“ и Општина Куманово за подобрување на енергетската ефикасност и реконструкција на старите и дотраени фасади на стамбените згради.
Наскоро ќе биде распишан јавен повик, на кој ќе можат да се пријават управители на згради или здружение на станари.
„Приоритет е центарот, за да подоцна се оди кон прериферија. Ќе дадеме можност за учество на сите граѓани, ќе распишеме оглас за пријавување и ќе го спроведеме процесот на одлучување. Критериумите ќе бидат јавно објавени, процесот транспарентен“, изјави Горан Митевски, раководител на Сектор за меѓународна соработка и евроинтеграции,стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР.
Критериумите за учество и процентот на финансирање ќе ги донесе Советот.
Станарите вложените пари подоцна ги враќаат, но со значително пониски каматни стапки од актуелните. Тоа е улогата на организацијата „Хабитат“.
Во Куманово веќе има неколку примери на реновирани фасади на згради кои се наоѓаат на Градскиот плоштад, со помош на општината со поддршка од Хабитат. Интенцијата е да се среди централното градско подрачје, но и да се поправат фасадите кои не се безбедни за граѓаните.