Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Основниот проект за конзервација, реставрација, санација и адаптација на плоштад „Нова Југославија„ и улица „Плошдат Маршал Тито“, во Куманово е изработен од фирмата „ГЕО КОМ“ ДООЕЛ Делчево. Проектот е во вредност од 1,5 милиони денари или околу 25.000 евра.
„Бидејќи не станува збор за ново решение, туку се работи за проект за конзервација, реставрација, санација и адаптација на плоштад, бидејќи комплексот Спомен парк со спомен обележје настанал во период од 1951-1962 година, а скулптурата Македонка има својство на споменик на култура поставен во 1978 година, не постои можност да се распише конкурс за избор на ново идејно решение за проектот. Самиот по себе претставува заштитено културно добро–спомен парк со спомен обележје“, велат од Општина Куманово за Кумановоњуз.
Проектот ги добил потребните одобренија од Управа за заштита на културно наследство при Министерство за култура.
„Сите содржини се согласно добиено конзерваторско одобрение од страна на Управа за заштита на културно наследство од Министерство за култура. По претходно добиен позитивен извештај од извршена стручна контрола на конзерваторски проект од комисија назначена од НУ Национален конзерваторски центар Скопје“, додаваат од Општината.
Реконструкцијата на малиот плоштад во Куманово започна пред десетина дена, а треба да заврши до крајот на летото.
Ќе чини 47.599.999 денари или 773 илјади евра. Тендерот го добила фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје, која имала најниска понуда.
Според податоците од договорот кој е јавно достапен, ќе се реконструираат двете улици, а на плоштадот ќе има нови содржини како детско игралиште, шаховска табла со фигури и шестоаголна клупа. Ќе се обнови електричната инсталација и ќе се постават нови светилки. Пристапните патеки, тротоарот, улицата и пристапните скали ќе се покријат со гранитни елементи со дебелина од 4 см, отпорни на сол, порозија, лизгање и мрзнење. Просторот ќе биде хориткултурно уреден со точно дефинирани видови и број на садници. Предвидено е да се постави систем за наводнување на зелените површини.
Реконструкцијата на малиот плоштад е првата фаза од проектот за урбана мобилност, кој ќе се изведува во три фази.
Првата фаза е реконструкција на малиот проштад и спојувањето на двата плоштади во едно големо плато, втората е во делот на т.н. Скопски дуќани и спојување со ул. Ленинова, и последната трета се однесува пешачка патека на ул. Илинденска.
Иако станува збор за капитален проект надлежните од општината не го промовираа проектот на пошироката јавност.