Промовиран документарец за лицата со посебни потреби
Во основното училиште „Толи Зордумис“ денеска беше промовиран документарниот филм со наслов „Инклузија“, изработен од Дневниот центар „Порака наша“ за лицата со посебни потреби.

Филмот се промовира во чест на 3 декември-Светскиот ден на лицата со хендикеп, а целта е останатите луѓе во заедницата да ги запознаат лицата со посебни потреби и да немаат предрасуди. Филмот е снимен во „Порака наша“, низ град каде лицата со посебни потреби продаваат списанија, во погон каде работат, шијат, во ресторан и слично.
Сите ние треба да ја прифатиме различноста, да го прифатиме различниот од нас, бидејќи тој е единствениот пат кој води кон подобар живот, кој води кон успеси. Не треба да заборавиме и лицата со попреченост имаат право на достоинствен живот. Мислам дека во наредниот период акцент треба да ставиме на развој на работните вештини. На овој начин сакаме да ја подигнеме свеста кај младата популација, затоа што сметаме дека младата популација е без предрасуди и стереотипи кон оваа категорија на граѓани и тие учат по пат на модел на однесување од возрасните - изјави Фросина Симоновска, дефектолог во “Порака наша“.
Од “Толи Зордумис“ рекоа дека секоја година го одбележуваат 3 декември-Денот на лицата со хендикеп, а оваа година тоа е со “Порака наша“.
Да се потсетиме дека овие лица не постојат само овој ден, туку и останатите 364 дена во годината. Се бориме да ги надминеме сите бариери во онаа терминолошка дистинкција лица со хендикеп, јас би кажала лица со посебни потреби затоа што секоја индивидуа има свои потреби, а од друга страна се бориме да ги надминеме и сите стереотипи и предрасуди. Тие не се лица од втора категорија, туку се рамноправни граѓани - рече Јасмина Александар Ковачевска, дефектолог во училиштето.
Истиот филм денеска беше промовиран во „Кочо Рацин“, а доставен е и во сите други училишта во градот за емитување.