Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставници од Министерството за финансии попладнево го презентираа проектот „Купи куќа, купи стан“ пред кумановци.
Беше објаснето дека за проектот можат да аплицираат државјани на Македонија, брачни парови кои имаат примања до 1300 евра месечно или до 900 евра месечно ако не се во брак, лица кои не поседуваат сопствено живеалиште и немаат подигнато друг станбен кредит. Цената на објектот кој ќе го купат или градат да не е поскап од 900 евра за метар квадратен, а рокот на отплата на кредитот е 20 години.
Се субвенционираат 50 отсто од учество или рата за купување на стан и 75 отсто за доградба или изградба на куќа.
Откако ќе се утврди дека ги исполнуваат критериумите, постапката започнува со барање на станбен кредит. Се оди во една од осумте банки кои што учествуваат во проектот. Започнува стандардна постапка за одобрување на кредит при што од банката ќе бидат побарани податоци за примања, потврда од катастар за поседување на имот итн. Целата работа оди преку банката, а потоа комисија во Министерството донесува одлука за субвенционирање. Нема ограничување, сите кои ги исполнуваат критериумите ќе добијат субвенција, нема никаква дискриминација - вели Кирил Симеоновски од Министерството за финансии.
Дел од присутните граѓани кажаа дека нивните примања сепак се мали за да учествуваат во проектот, и на тој начин да добијат покрив над главата.
Проектот е исклучиво направен за богати луѓе, не е за сиромашни. Работник од Чик на пример со плата од 10.000 денари не може да си дозволи да одвои 150 евра да плати рата за кредит - рече Анкица Арсовска, граѓанин.
Проектот „Купи куќа, купи стан“ е воведен во 2012 година и досега во државата се реализирани над 600 субвенции.