Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со сечење на црвена лента денеска свечено беше пуштен во употреба реновираниот објект на основното училиште “Браќа Миладиновци“ кај Соколана.
Реновирани се прозорците, тоалетите, заменети се влезните врати преку проектот за меѓуетничка интеграција во образованието на УСАИД, во кој учествува и општината со 30 отсто од сумата. За реновирање на ова училиште и “Бајрам Шабани“ се потрошени 60.000 долари.
Основни цели на проектот се да ги интегрира децата од различни заедници во интегрирано образование. Проектот ги вклучува училиштата, наставниците, децата, родителите, локалните лидери и целите заедници во развивањето на меѓуетнички односи и градење на основи за подобра иднина“ - вели Џенифер Форд, воздухопловен аташе во американската амбасада во Скопје.
Форд кажа дека секоја година одвојуваат по 300.000 долари за овој проект, и до денес се реновирани 48 училишта во Македонија.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски вели дека со свој удел се вкучиле во проектот.
Општината направи реновирање на тоалети на сите три ката. Направивме инвестиција и во училиштето “Бајрам Шабани“. Продолжуваме со нашата активност во овие проекти. Овој проект и тоа како е важен во овие сензибилни времиња на демократски процеси во Македонија, мултиетничките односи се основниот столб за демократско, мултиетничко, граѓанско општество - кажа Дамјановски.
Директорката на “Браќа Миладиновци“, Марина Манојловска објасни дека се реновирани вкупно 12 простории во објектот.
Како наша инвестиција која самото училиште ја вложи се скалите, изградба на скалите, дел од електричната инсталација, канализациона мрежа и подови во самите училници. Имаме околу 9 до 10 училници, а сосе столарија се реновирани 12 простории“-додаде Манојловска.
Во рамки на истиот проект реновирана е фасадата на основното училиште “Бајрам Шабаник“, кое е партнер училиште на “Браќа Миладиновци“.