Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ денеска се одржува регионална олимпијада по физика, на која учествуваат 124 ученици од Македонија, Бугарија и Србија.
Ова е трета по ред регионална олимпијада, која ја организираат Софискиот клон на физичари на Бугарија, Друштво на физичари на Македонија и Регионално здружение на физичари Струмица. Се натпреваруваат ученици почнувајќи од 7 одделение па се до 4 година средно образование. Поделени се во категории според возраста и во сите три категории ќе има по тројца наградени.
Физиката како наука е многу интересна за учениците. Се надеваме дека овој трет експериментален натпревар, кај некои од учениците ќе побуди интерес да студираат на технички науки, фундаментални науки кои се основа за развој на секое општество. Овие награди можат да ги користат во развој на нивната кариера, добивање на стипендија - изјави Стојан Манолев, претседател на Регионално здружение на физичари Струмица.
Професорот по физика, Тодор Мишонов од Софискиот универзитет вели дека се трудат да ги поттикнат децата да учат, да ги проверат знаењата, да се натпреваруваат затоа што многу нивни поранешни ученици денес се успешни и работат во странство.
За некои од учесниците ова беше прво искуство, а дел веќе учествувале на слични натпревари.
Експерименталната физика е интересна област во нашите животи. Јас со моите соученици се подготвувавме две недели пред натпреварот. Мислиме дека сме подготвени да ги завршиме задачите што ќе ни ги дадат. Сметаме дека мерењето е една поинтересна работа од теоријата. Ќе биде интересно и ќе собереме доста искуства - рече Андреј Анчевски, ученик во 3 година во Гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“ од Скопје.
Учениците имаа можност практично да покажат што знаат и умеат.
Учествував и претходно на олимпијада. Мислам дека сум подготвен. Имам 14 години. Сакам да учам физика. Има многу деца од Бугарија кои се занимаваат со таа наука - кажа Борис Панајотов од Софија.
Прогласувањето на побединиците од оваа олимпијада ќе биде утре. Вакви олимпијади досега се одржувале во Гевгелија и Софија.