×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Реконструираното училиште „Киро Бурназ“ прерасна во регионален центар за стручно образование

    01.09.2023 15:17 | Оливера Пешевска

    Средното стручно училиште „Киро Бурназ“ од  Куманово новата учебна година ја започна обновено и реконструирано, и во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

    Реконструираното училиште „Киро Бурназ“ прерасна во регионален центар за стручно образование

    Во реконструкцијата  на училиштето инвестирани се 2 милиони евра, вложени се и дополнителни 1 милион евра  за набавка на современа опрема за работилниците и лабораториите, а извршено е и  комплетно реновирање на интернатот.

    Премиерот Ковачевски нагласи дека Владата вложува напори и максимална посветеност за креирање долгорочни политики и стратегии кои што ќе водат кон севкупен напредок на образовниот процес, а со тоа и на нашето општество. Таква стратегија е и подигнувањето на атрактивноста и интересот на младите за упис во средно стручно образование.

    „Владата вложува навистина многу напори во поглед на унапредување на образованието.Од обезбедување на независноста на државата Министерството за образование и наука, но и сите институции работат на унапредување на образовниот процес и на образовните објекти во кои се одвива наставата. Најдобар пример за тоа како треба да изгледа еден образовен објект е токму ова училиште. Инвестирани се 3 милиони евра, кои се искористени за комплетно реновирање на објектите, како и за набавка на нови помагала, лаборатории, работилници, училници, опрема.  Најголем дел од тие средства се од ЕУ, преку ИПА фондовите, а  дел се инвестиција на Министерството за образование и наука“, истакна  Ковачевски.

    Посакувајќи им успеси на учениците и наставниците, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, истакна дека учебната година започнува со повеќе нови учебници во основното и средното стручно образование, 50-тина реконструирани и неколку нови училишни објекти, како и со најава за повисоки плати за просветните работници.

    „Со помалку предизвици и со што подобри резултати да ја заокружиме новата учебна година. Да се заложиме сите. Потребна е поддршка од семејствата на учениците, од наставниците, граѓанските организации, бизнис заедницата и воопшто на сите општествени чинители, затоа што генерации ќе создадеме не зависи само од еден фактор, или од една засегната страна, туку од сите нас. Во меѓувреме, Министерството за образование и наука останува отворена институција за соработка и ќе се трудиме да бидеме на висина на задачите, водејќи се секогаш од најважнитеинтереси за младите“,  рече министерот.

    Шаќири потсети дека учебната година ќе трае до 17 јуни, а за првпат, по примерот на повеќе развиени земји во Европа, се воведува и пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 5 мај. Информираше и дека во училишните клупи има над 250 илјади ученици, од кои околу 20 илјади се првачиња.

    Истовремено, беше нагласено дека за да се реализира еден ваков проект  потребено е амбициозно, енергично и посветено раководство какво што има  „Киро Бурназ“.

    „Преку социјалниот дијалог што МОН го воспостави во соработка  со бизнис заедницата,стручните училишта и локалната самоуправа, во последните две години се идентификувани локалните потреби за одредени стручни профили. Токму контактот со бизнис заедницата го потврди концептот за дуално образование, а  досегашните реформи дадоа навистина големи резулати. На пример, бројот на запишани ученици минатата и оваа учебна година, во споредба со претходните,  е зголемен за повеќе од 80 отсто. Обезбедивме секој наш ученик да реализира учење преку работа во компании за што имаме потпишано преку 95 меморандуми за соработка“, истакна директорката Весна Трајковска.

    Со досегашните резултати и реконструкцијата, оваа училиште ги има сите услови да прерасне во Центар за извонредност во стручното образование во регионот.