Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Совет на родители чии деца не се запишани во градинката „Ангел Шајче“, бараат од мнозинството во Советот на Општина Куманово да ја преиспита одлуката со која не се дозволува запишување на повеќе деца од проектираните капацитети во групите.
Тие поднеле барање до претседателката Ивана Ѓорѓиевска на првата наредна седница повторно да се разгледа оваа точка и да се изјаснат позитивно во интерес на нивните деца.
„На барањето се потпишани 84 родители и списокот на присутни родители од состанокот го доставивме преку архивата во Општина Куманово. Доколку Советот не ни излезе во пресрет и не донесе позитивна одлука, голем број од нас, родителите на децата, ќе бидеме принудени да ги напуштиме нашите работни места, а со тоа ќе биде доведена во прашање егзистенцијата на нашите семејства“, изјави Виолета Димовска, во име на родителите.
Родителите најавуваат дека доколку не се прифати нивното барања ќе одржат протест пред општинската зграда во Куманово, бидејќи не знаат како да ги згрижат децата додека се на работа.
„Јас сум самохран родител и градинката ми е единственото решение за чување на детето. Морам да работам за да обезбедам нормален живот и сигурност за семејството“, истакна Оливер Тодоровски, родител.
Во шесте клона на градинската Ангел Шајче во Куманово има капацитет за 1.676, а над 600 се на листата на чекање.
Советот на Општина Куманово на една од последните седници не даде согласност да се зголеми бројот на деца во воспитните групи, поради тоа што сметаат дека нема услови да се згрижат повеќе деца од проектираните капацитети.