×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Родителите од Агино село не ги пуштија децата на настава, бараат да се реконструира училиштето

    01.09.2023 13:34 | KumanovoNews

    Над сто ученици од Подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“ во кумановското Агино Село, денеска ја бојкотираа наставата, барајќи да се реконструира училиштето. 

    Родителите од Агино село не ги пуштија децата на настава, бараат да се реконструира училиштето

    Родителите излегоа на протест да го потсетат Министертсвото за образование и наука дека со години чекаат да се создадат хумани услови за настава во стариот училиштен објект, а пред повеќе од година и пол поднеле и официјално барање за негова реконструкција, но уште немаат одговор.

    „Училиштето во 1978 година го изградиле нашите предци, дедовци и татковци, со свои сопствени средства, со крв, пот и мака, без никаква помош на државата. Оттогаш наваму нема една шајка закована. Загрозена е и безбедноста на нашите деца, бидејќи кровот се распаѓа, па ќерамиди и друг материјал паѓа во училниците и во дворот. Моето дете за малку ќе настрадаше во еден таков инцидент. Затоа сме денеска тука, и бараме од надлежните што поскоро да најдат решение на проблемот, затоа што и нашите деца, како и останатите во државата заслужуваат да учат и да се едуцираат во подобри услови“, изјави Љупчо Николовски, претставник на Советот на родители.

    Родителите велат дека во училниците нема ни табли, а тие сами купуваат креди, топки, канти за отпадоци, метли, а и вратата на училиштето сами ја поставиле и сами варосуваат. Тоалетот на училиштето е распаднат, а нема во него нема струја ни вода. Тие го обвинија директорот Скендер Рушити дека не се грижи да се подобрат условите за настава во нивното училиште.

    Наспроти ова, тој вели дека тој е во постојан контакт со родителите и Општината, за да се најде решение на проблемот.

    „И јас сум за тоа да се изврши целосна реконструкција на училиштето, поднесено е барање до МОН, но уште немаме одговор. Беше понудено од општината да се поправи само кровот, но заедно со родителите одлучивме да побараме целосна реконструкција. За жал, овде денеска не започна наставата, но јас сакам да ги видам учениците во клупите“, кажа директорот Рушити, кој дојде на протестот да се сретне со родителите.

    Министерот Јетон Шаќири, кој денеска беше во Куманово, вели дека МОН не може да го реконструира училиштето затоа што не е доставена целосна документација, но ако се отстранат тие пречки ќе се обезбедат средства.

    „Јавно ги повикувам директорот или претставник од училиштето од понеделник да присуствуваат на состанок во мојот кабинет и да разјасниме зошто не се доставени документите до МОН. Одговорно тврдам, пред сите родители и сите вработени во подрачното училиште „Кирил и Методиј“ во Агино село, ако ги достават потребните документи во најкус можен рок, јас како министер, заедно со премиерот на првата наредна седница ќе направиме измена на програмата за капитални инвестиции, ќе го комплетираме и ќе обезбедиме финасии од нашите буџетски средства, за да и тие деца имаат подобри услови во наредниот период, посебно што не е големо училиштето и не треба во такви услови да учат децата“, изјави денеска министерот Шаќири.

    Родителите велат дека денешниот бојкот го најавиле пред 3 месеци во Министерството и Општина Куманово, а најавуваат дека ќе трае додека не добијат ветување од надлежните за решавање на проблемот. 

    Централното основно училиште „Кирил и Методиј“ е во селото Романовце, учат вкупно 380 ученици на македонски и албански јазик. Во подрачното училиште во Агино Село има 106 ученици, а денеска требаше да тргнат на училиште 7 првачиња.