Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска промовиран во Куманово
Во Центарот за култура во Куманово синоќа беше промовиран романот „Три Марии“ од авторката Оливера Ќорвезироска.
Во романот се опишани три жени – Марии, кои се различни по карактер, но ги поврзува една работа, изнајмувањето на ист стан во различни временски периоди, во обид да ги излечат и надминат сопствените стравови.
Првата Марија е љубовница на оженет маж и сонува да стане нечија жена, но не успева во тоа. Втората се венчава со својот маж на нудистичка плажа, во полупијана состојба, иако сака друг. Третата, пак, на денот на својата свадба открива дека нејзиниот иден сопруг ја изневерува. Несреќни поради погрешната љубов, тие се обидуваат да започнат нов живот.
Промоторот на романот, Ермис Лафазановски, смета дека трите Марии се всушност една Марија, која поминува низ различни периоди од животот.
„Во суштина, се работи за една Марија со три лица. Жена која се обидува да ги излечи траумите од минатото или сегашноста и која е во постојана релација со две огромни сили што се наоѓаат во човекот. Тоа се еросот и танатосот, антички божества што ги симболизираат љубовта и силата што влече кон неискажаното и по смртта. Тие две категории, според психоаналитичарите, ја претставуваат основата на човековото однесување и креација“, рече Лафазановски.
Тој додаде дека книгата изобилува со различни симболи кои упатуваат не само на она што се случило, туку и на она што следува. Меѓу нив се празните кутии, малите бебиња, погребувањето со кукла, китењето на младоженецот со пари, отсечениот прст и свадбата.
„Сето тоа се наоѓа во романот и самото се раскажува. Кога ќе читате, ќе видите колку е инспиративен овој роман и со колку многу симболи изобилува. Оливера вешто ги опишува настаните. Некои можеби се малку автобиографски, а некои се фиктивни, но сите се мајсторски напишани. Тоа покажува колку таа е одлична писателка“, рече Лафазановски.
На промоцијата, авторката ги поздрави своите сограѓани и нагласи дека е среќна што повторно е со својата исклучителна кумановска публика, од која црпи инспирација за своите ликови.
„Јас сум родена и порасната во овој град и мислам дека тоа што на различни начини е присутно во моето творештво е доказ за моите сфаќања за книжевноста и за тоа како треба да изгледа она што го пишуваме за ова поднебје, бидејќи сме автентични и свои и го пишуваме она што добро го знаеме. Тоа не значи дека не можеме да пишуваме и за работи што не ни се познати. Можеме да истражуваме, меѓутоа, познавањето е она што му дава уверливост на напишаното, и јас се надевам дека во сите мои книги пишувам уверливо“, рече Ќорвезироска.
Таа потсети дека нејзиниот претходен роман „Абт“ е посветен исклучиво на Куманово, додека дејството на „Три Марии“ се случува во Скопје, но содржи елементи поврзани со обичаите во кумановското село Карабичане, како и со ликови кои се присутни на промоцијата.
Извадоци од романот читаа актерките Александра Михајловска Величковски и Нина Максимова.
Романот „Три Марии“ за само една година ги освои најпрестижните книжевни награди во земјата: „Рациново признание“ за најуспешно книжевно дело, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно дело и наградата „Роман на годината“ за 2025 година, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.
