Ромите дискриминирани при патување?
Ромите од населба Средорек се жалат дека се почесто им се ускратува можноста да патуваат надвор од Македонија, поради сомнежот дека ќе бараат азил во западно-европските држави.

Тие сметаат дека на тој начин се дискриминирани и со тоа им се ускратува основното човеково право непречено да патуваат.
Пред две недели син ми тргна за Бујановац со биометриска лична карта. Тоа е на 20 минути оддалеченост од Куманово. На граница не го пуштиле да излезе од државата. Го прашале каде оди, каде му е багажот. Кажал дека ќе се задржи само два часа, а понудил да го задржат пасошот додека се врати, но не прифатиле. Така се прави само со Ромите, кај другите заедници не - вели жител на Средорек.
Синиша Хусеиновски смета дека ромската популација само на хартија е рамноправна со другите националности, и дека оваа пракса мора да прекине.
Кога се поминува граница само боја на кожа се гледа. Има многу случаи кога наши соседи биле вратени од граница. Ромите се запоставени и Европа треба да се позанимава малку со ромското прашање. Еднаш ако го бележат, внесуваат податоци во компјутер и веќе нема поминување граница - рече Хусеиновски.
Тие се категорични дека македонските граѓани со бугарски пасоши патуваат и работат во Европа години наназад, а Ромите не можат слободно да патуваат ни до Србија.