Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Оддел за епидемилогија, при Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово е пристигната пријава за заразна болест - шуга за еден ученик од основното училиште „Кирил и Методиј“ Романовце, во Куманово.
„Во однос на случајот направена е епидемиолошки увид во училиштете нема простор за паника, состојбата е под контрола“, истакна д-р Едита Рамизи, епидемиолог во ЦЈЗ Куманово.
Таа додава дека сестрата на ученикот е во изолација, но не е заболена.
„Заклучно со денешниот ден во ЦЈЗ нема информации или известување дека некој од учениците развил симптоми на кожата асоцирани со шуга. Во текот на вчерашниот ден при направениот епидемиолошки увид контактирано е со родители на сите ученици отсутни од наставата, при што е утврдено дека ниту еден друг ученик не развил симптоми на скабиес, туку отсуствуваат заради вирози, грип или други причини“, вели докторката.
При увидот во училиштето издадени се препораки за изолација на заболениот ученик, третирање и лекување до целосно закрепнување на ученикот, третирање на членовите на семејството, засилена хигиенизација во просториите на училиштето, дезинфекција, дезинфекција по епидемиолошки индикации од страна на ДДР служба при ЦЈЗ Куманово, а доставени се и соодветни дезинфекциони средства во установата. Од страна на надлежните во училиштето се преземни сите мерки за заштита и спречување на ширење на инфекцијата.
За да се пренесе паразитот кој предизвикува шуга потребен е физички контакт, кожа на кожа. Инкубацијата е долга, од најмалку една недела до 4, 6 па и 8 недели, инфицираниот може да биде заразен за околината за целото тоа време, од моментот кога започнува да има чешање. Болеста се третира кај специјалисти по дерматовенерологија.
Шугата се манифестира со интензивно чешање, најчесто преку ноќ, карактеристични кожни промени кои се јавуваат меѓу прстите на рацете и стапалата, околу стомачниот дел, под пазувите. Препорака е одржување на хигиената на највисоко ниво, иако во некои случаи тоа и не значи избегнување на заразување. Паразитот може да опстане во ткаенината на гардеробата до 72 часа, но може да се задржи и на други површини. Под хигиена се подразбира редовно капење, редовно преоблекување, менување на постелнина, како и тоа секој поединец да си има засебна постела.
Гардеробата на заразените треба да се пере на температура не пониска од 50 степени, а предметите кои не можат да се исперат треба добро да се завиткаат со најлони и да се остават без отворање седум дена, препорачуваат експертите.
Од почетокот на годината на територијата на ЦЈЗ Куманово, која ги опфаќа општините во Североисточниот регион се пријавени седум случаи на шуга.
„Болеста не е искоренета и ќе ја има, се јавува во сите општествени слоеви, не дискриминира по старост, пол, економски или социјален статус“, констатира д-р епидемиолог Едита Рамизи.
Во текот на минатата, 2024 година имало 119 заболени, најчесто деца на возраст од 10 до 14 години. Но забележани се и 22 случаи на лица постари од 60 години. Најмногу заразени имало во јануари- 22 , најмалку во август, само три случаи.