Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово нарачала проект за изградба на нова детска градинка во Куманово, во населбата Зелен Рид.
Надлежните велат во тек е изработката на проект, а се очекува изградбата да започне до крајот на годината.
„Моментално „Куманово- план“ работи на основен проект каде Општина Куманово, се надеваме, дека ова година ќе почне со реализација на проект за отворање на нова детска градинка во Куманово“, истакна Александар Крстевски, раководител на Сектор за социјална заштита и заштита на деца.
Во Куманово со децении наназад само се ветува изградба на нови детски градинки на повеќе локации. Сегашната локална власт ветуваше градинки во населбите „Перо Чичо“, „Карпош“, „Бајрам Шабани“ и „Тоде Мендол“.
Раководителот Крстевски појасни дека се уште не се расчистени имотно- правните односи за градинката на „Бајрам Шабани“, кои се главна пречка за реализација на тој проект. Затоа и се работи на најавениот проект за да се ублажи недостатокот на слободни места за упис во предшколската установа.
Во населбата Карпош, за градинка се планираа просториите на поранешната касарна, Општината побара да и бидат вратени, но барањето беше одбиено од минатата централна власт.
На листата на чекање во Градинката „Ангел Шајче“ се наоѓаат 330 дечиња, а во групите на градинката има повеќе деца од предвидените стандарди.