Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На вчерашната седница на Советот, советниците на ВМРО - ДПМНЕ го праша директорот на ЈП “Водовод“, Виктор Божиновски дали презема мерки за поефикасно работење на неговото претпријатие.
Последниот финансиски извештај за ова јавно претпријатие не беше усвоен од советниците, бидејќи беше оквалификуван како фиктивен. ЈП“Водовод“ е едно од најслабите претпријатија во градот, а вработените со месеци не примиле плата- рече Бобан Николовски, координатор на советничката група на ВМРО - ДПМНЕ.
Наспроти ова, директорот Божиновски тврди дека напредок во работата на претпријатието и дека тоа ќе биде прикажано во извештајот за третиот квартал.
Има подобрување. Ние сме добитници на награда за “Имиџ и квалитет“ и таа награда ќе ни биде врачена во Мадрид. Сите корисници беа задоволени со дотур на вода. Ние влегуваме во инвестиција каде се градат водоводни мрежи. Во населба Бедиње ќе се гради 1,3 км долга мрежа. Не може да се манипулира и да се кажува дека платите доцнат со месеци, бидејќи доцнат еден месец. Не знам дали ова подобрување е успех или не, ама за вас никогаш нема да биде доволно - рече Божиновски.
Николовски му врати дека наградата од Мадрид нема да го покрие лошото работење.
Од таа награда нема да имаат фајде граѓаните. Граѓаните тоа го ценат. Доколу работите успешно и тоа се види во извештајот, ние ќе ви честитаме, а не да гласаме за фиктивни и лажни извештаи - изјави Николовски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски објаснува дека 95 отсто од јавните претпријатија во државата се соочуваат со финансиски проблеми, бидејќи е лош моделот на наплата за комуналии и претпријатијата работат со загуба. Дамјановски вели дека други градови како Штип, Кавадраци, Прилеп имаа рестрикции на вода, а Куманово немаше такви проблеми летово што е за поздравување.