Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од завчера започна поставување на жичана ограда на депонијата Краста, за да се заштити пристап на невработени лица и добиток. Поставувањето на оградата ќе чини 19.200 евра
Според договор на Општина Куманово од декември 2024 година, оградата треба да ја постави фирмата „Билд- Инг“ од Скопје за 35 работни дена. Вредноста на договорот е 993.400 денари (16.000 евра), а се работи за оградување на 600 метри. Планирано е поставување на 300 бетонски столпчиња, со висина од 2,4 метри, 1.200 м2 поцинкувана плетена жица и 600 метри бодликава лента (жилет жица) која спречува нелегални влегувања оградата. Подоцна е потпишан и анекс на договорот, за доплата на дополнителни 25 столпчиња, 450 м2 плетена жица и 300 должни метри жилет жица, кои ќе чинат 196.500 денари, или 3.200 евра плус.
Жителите на селото Пчиња ја поздравуваат одлуката, но велат дека на општината и требало 8 месеци да започне со исполнување на нивното барање по минатогодишните пожари.
„Осум месеци поминаа откако официјално побаравме затворање и обезбедување на оваа депонија. Осум месеци молк и ниту еден конкретен чекор од ЈП „Чистота и зеленило“ и Општина Куманово. Во меѓувреме, овците слободно пасеа меѓу пластика, отпад и најлони, директно загрозувајќи ја безбедноста на храната и здравјето на сите нас. Жално е што, штом јавно го посочивме проблемот, требаше само еден ден за да се постави жица и да се затвори пристапот. Тоа не е ефикасност, тоа е потврда за негрижа и игнорирање на јавниот интерес сè додека не се дигне глас. Граѓаните заслужуваат повеќе од реактивна политика. Заслужуваме институции што работат навреме, одговорно и во служба на заедницата“, стои во јавната рекација на Здружението „Еко Пчиња“.
Жителите велат дека имале бројни сообраќајни незгоди со кучињата кои истрчувале од Краста, летал смет при секој појак ветер, а и домашни животни паселе од тревата непосредно до депонијата. Затоа во оградата гледаат спас од секојдневната закана и опасност.
Тие тврдат дека опасноста од пожари е се уште висока. Посебно што уште не е исполнето ветувањето по секој слој смет да се става слој земја со кое ќе се угушат евентуални жаришта и да се спречи разгорување. Чадот од Краста го загадува воздухот во Куманово, но посебно на удар се луѓето кои живеат во непосредна близина на депонијата.
Со поставување на оградата се исполнуваат дел од барањата на жителите на Пчиња, постигнат со општинските служби и ЈП „Чистота и зеленило“ по големиот пожар во јуни, минатата година. Паралелно со тоа се работи и на поставување на камерите за видео надзор на депонијата.
(фото: Еко-Пчиња)