Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Две први, четири втори и едно трето место освоија учениците од Средното техничко училиште „Наце Буѓони“ од Куманово на Државниот натпревар за млади истражувачи во применети природни и технички науки, кој традиционално го организира Народна техника.
Прво место освоија Марио Анѓеловиќ во областа на автоматика и роботика и Гала Арсовска во областа на агротехника. Втори места зазедоа Стефан Николиќ за автоматика и роботика, Иван Ивановски за дизајн на веб страници, Дамјан Златановски за електротехника и електроника и Теодора Стефановска за фармација, трето место освои Калиопи Николова во областа на микробиологија.
„Нашите ученици достојно го претставија училиштето. Се надевам дека тоа ќе биде доволен поттик да го привлече вниманието кај деветтоодделениците да се запишат во нашето училиште и да придонесат во постигнување на уште подобри резултати. Нашето ученици од повеќе струки учествуваа во десетина категории, а на натпреварувањето имаше 19 категории. На сите ученици и ментори им го честитам постигнатиот успех и благодарност за успешната промоција на училиштето на Државниот натпревар на младите истражувачи“, истакна директорот на училиштето Драган Јаневски.
Признанијата и дипломите на учениците им ги врачи градоначалникот Максим Димитриевски и Пере Митрев претставник од Народна техника, кој истакна дека традиционално со години наназад кумановските ученици се меѓу најталентираните и секоја година освојуваат врвни награди на истражувачки проекти.
Годинава натпреварувањето се одржа онлајн, а учествуваа 220 млади истражувачи од целата држава. Државниот натпревар за млади истражувачи во применети природни и технички науки се одржува по 57. пат.
(С.Н.)