Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Семејството Далипи од Куманово остана на улица откако во голем пожар изгоре нивниот скромен дом во близина на стадионот Башкими.
Огнената стихија ги пеплосала двете собички и бањата, како и целата покуќнина што семејство го стекнувало со години.
Околу 19.30 часот излеговме со жената до продавница да купиме нешто за Ифтар. Само што се одалечивме од куќата почнаа да ни вртат на телефон и ни кажаа дека куќата ни гори. Се собраа сите соседи да помогнат, Македонци и Албанци, со црева и кофи вода почнавме да гасиме, ама безуспешно. Пламенот ја зафати целата куќа и тогаш се тргнавме и само гледавме како гори. Се бидна за еден час.- раскажува потресено Севдаил Далипи (45).
Можела да се случи поголема трагедија доколку во куќата останало да спие едно од двете мали дечиња, кое сопругата во последен момент го скорнала и го зела со нив кога излегле од дома.
Според сопственикот, огнот најверојатно се појавил на електрична инсталација на фрижидерот во кујната. Увид извршила полицијата по што ќе се знае точната причина за пожарот и висината на матерјална штета.
Откако им изгоре куќата четиричленото семејство Далипи живее во шупа во дворот, без вода и струја. Никој не работи, ниту примаат социјална помош. Затоа апелираат до надлежните државни институции да им најдат привремено сместување додека ја поправат куќата, а се надева дека со помош на хуманите луѓе и тие ќе се радуваат на престојниот празник Бајрам.