“Скици 2012“ гостува во Кавадарци
Изложбата “Скици 2012“ која обединува дела на повеќе кумановски сликари, утре во 19 часот ќе биде отворена во Домот на културата “Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци.
На оваа биенална изложба има дела од сликарите Момчило Аврамовски, Борис Кукуњавски, Трајко Тошевски, Марија Величковска, Дејан Арсовски - Бабата, Зоран Арсовски - Бабата, Милена Христовска и Далибор Крстевски. Делата се работени во комбинирана техника, пастел, акрил или со молив. Проектот “Скици 2012“ е продолжување на заложбите да се актуелизира и поддржи цртежот.
Цртежот е претходница на писмото и кон крајот на 15 и почетокот на 16 век се смета како форма на ликовно изразување. На македонската ликовна сцена тој треба да го добие заслуженото место и затоа се прави оваа изложба, за да привлече вниманието на јавноста.
Изложбата гостуваше во Струмица, Демир Капија, а потоа ќе биде поставена во неколку галерии низ Македонија.
Координатор на проектот “Скици 2012“ е Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ од Куманово.