Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Посиромашна и со помалку гости од минатите години помина традиционалната прослава на 2-ри август во меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
За разлика од предходните прослави кога во паркот и покрај реката Пчиња, вриеше од народ, од кампери, излетници и скараџии, годинава беше многу скромно. Малкуте семејства кои што дошле на пикник во Пелинце и самите се изненадени од малата посетеност.
Не е како некогаш. Се изненадивме сабајле кога дојдовме и кога видовме колку е празно. Минатите години доаѓавме од навечер за да фатиме подобро место. Сега можеш да седиш кај сакаш. Луѓето осиромашуваат и не се расположени како некогаш. Повеќето мислат како да состават крај со крај и не им е до излет, а оние што имаат пари патуваат во странство - велат излетници од Скопје.
Оваа година изостана и големото присуство на партиски активисти кои минатите години ги носеа од другите градови за да биде што помасовно.
На прославата во Пелинце, говореше претседателот на Собранието Трајко Вељановски, а присуствуваше и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски. Венци и свежо цвеќе положија пратеници, министри, градоначалници, борци, претставници на политички партии, невладини организации и граѓани.