Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градскиот плоштад во Куманово ќе добие нов лик откако ќе бидат реконструирани фонтаните и ќе се постави нова урбана опрема, клупи и канти за смет.
За реконструкција се предвидени вкупно 8.1 милиони денари или 130.000 евра, за фонтаните предвидени се 6,9 милиони денари или 112.000 евра, а за набавка на урбана опрема 1,2 милиони денари или 19,5 илјади евра.
Советниците на опозицијата сметаат дека ова се големи пари за интервенцијата, и кажаа бројни забелешки против ваквото трошење на народните пари.
„Ова за мене е беспотребно фрлање на пари, 110.000 евра за средување на големиот плоштад, што велат кумановци „малиот го средивте, уредивте и направивте, па еве сега и големиот да го доправите“. Даските кои треба да се наместат, клупите ги менувавме пред неполни 6 или 8 месеци, чинат 20.000 евра- сега ако имаме производство, некоја фабрика па мораме да менуваме секои 5 месеци клупи и канти за смет е во ред. Но, не верувам дека ќе чинат 20.000 евра“, потенцираше Благојче Јаќимовиќ од НСДП.
Иако беше кажано дека урбаната опрема се уништува од несовесни граѓани, сепак забелешките беа насочени кон висината на предвидените средства, но и за други проекти кои се недовршени или не се добро изработени.
„6,9 милиони денари како за фонтаната во Соколански парк која е извор на создавање на алги“, забележа советникот Миле Андоновски.
Тој го постави и прашањето за потрошувачка на вода за фонтаните, сметка која некој во иднина би требало да ја подмири.
Во одбрана на предлогот застана раководителката на Сектор за комунални работи, Лидија Ланг Спасовска, која кажа дека тое е само проекција на средства кои не мора да бидат потрошени.
„Не мора да значи дека ќе бидат потрошени толку средства, зависи во кој обем ќе оди таа реконструкција. Можеби во тендерската постапка многу пониски ќе бидат понудите, можеби ни тендерот нема да биде распишан на таа сума доколку анализата покаже дека вредат помалку. Тогаш и средствата ќе бидат прелоцирани согласно ребалансот на друга ставка и за друга намена“, посочи Ланг Спасовска.
Таа објасни дека во фонтаните ќе бидат поставени нови водни пумпи, ново осветлување затоа што постоечкото е целосно руинирано. Освен за подвижните клупи ќе се работи и за оние кои се опшивка на жардињерите и тревниците на плоштадот.