Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со комедијата “Идиоти“ на театар Куманово синоќа заврши 18-от меѓународен театарски фестивал “Денови на комедија Куманово 2015“.
Станува збор за претстава работена според едночинки од Муза Павлова, во режија на Мирослав Петковиќ и асистент на режија Бојана Краљевска. Претставата прикажува случки од нашето секојдневие на кое сите сме сведоци, а ретко кој се обидел тоа да го прикаже од комична страна. Репликите се набитолски дијалект, но дел се и на литературен македонски јазик, а приказната се доловува преку проблемот на Виктор кој сака да се ожени и да замине во странство, но за тоа му е потребно уверение дека не е идиот. Неговата голгота за да добие такво уверение ги прикажува административните лавиринти, корупцијата и манипулацијата во општеството, а сето тоа претставено на комичен начин.
Значи обработуваме една табу тема, но мислам дека токму во театарот треба да се има смелост за вакви претстави. Ако некој се лути можам само да порачам „Кој си ја има мувата на капата“. Улогата беше поинаку напишана, јас требаше да играм сериозен државен службеник кој зборува на литературен јазик и си ја врши својата работа, но потоа на режисерот му предложив малку да ја измениме улогата - вели Марко Трајковиќ, кој ја толкува улогата на државниот служебник кој ги издава уверенијата.
Главната женска улога ја толкува Александра Михајлова, која ја игра идната сопруга на Виктор, која има пасија за роботи, но и мошне течно говори на битолски дијалект.
Многу се забавував додека го подготвував ликот. Најмногу се занимавав со нејзината пасија кон роботите. Настојував љубовта кон роботите и технологијата да ми стане реалност“ - рече актерката.
Кумановци ќе можат деновиве да ја погледнат оваа интересна претстава во театар Куманово.