×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Со креативни идеи до поурбан простор: Mурали красат стамбени згради

    06.06.2020 16:00 | KumanovoNews

    Млади, амбициозни и инспирирани луѓе, започнаа проект за разубавување на К4 зградите на „Октомвриска револуција“, спроти економското училиште во Куманово.

    Со креативни идеи до поурбан простор: Mурали красат стамбени згради

    Во првата фаза направени се три мурали од тројца различни уметници: Влатко Тасевски, Дарко Трајковски и Дејвид Стоилковски. На повик на станарите од зградите тие изработија несекојдневни слики, кои ги претворија руинираните ѕидови во прекрасни дела, и станаа атракција за градот.

    Инцијатор на проектот е Горан Стојанов, кој вели дека идејата ја добил од муралите на училиштето „Крсте Мисирков“, па предложил нешто слично да се направи на нивната зграда.

    „Моментално, интересот е голем и ваквата уметност стана популарна. Откако беа нацртани сликите, родителите доаѓаа да се сликаат со своите дечиња. Луѓето се` уште мислат дека цртањето на ѕид е уништување на јавни површини. Тоа размислување мора да го искорениме доколку сакаме да го разубавиме нашиот простор со кој ќе се гордееме и ќе го споделуваме на социјалните мрежи“, вели Стојанов.

    Станарите велат дека треба да се поттикнат граѓаните и почесто да се одлучуваат за вакво нешто, бидејќи градот има многу простор кој би изгледал светски во ова сивило.

    На почетокот, некои од соседите биле скептични, но всушност кога виделе што е направено – скоро сите биле со позитивна реакција. Влезовите добиле нов и модерен изглед, па и станарите од околните згради пак, имаат само пофални зборови за сработеното.

    Пред да се започне со реализација на муралите станарите дале согласност, но сепак имало и неколку негативни коментари.

    „Зошто тоа да биде Џони Штулиќ, кога не е Mакедонец? Но, граѓаните треба да знаат дека тој всушност е роден во Скопје. Ќе бидеме како гето во Бразил, тоа шаренило нема да биде убаво. Сега кога видоа како изгледа, не сме веќе Бразил туку заличуваме на европски град“, додаваат иницијаторите. 

    Изборот на муралите бил оставен на слободата на уметниците, на нивната креација и иновативност. Тие велат дека им претставува огромно задоволство што можат својот талент да го пренесат на ѕид и се потполно отворени за соработка и во иднина.

    „Инспирација за овој мурал ми беше првиот филм во движење. Тој е компилација од неколку слики со коњ. Јас одлучив да направам нешто слично, но наместо движењето, го открив изгледот на неговата внатрешност“ кажува Дарко.

    Тој додава дека, уметноста го разубавува просторот, но воедно и неговото расположение.

     Додека работеле на муралите најчесто добивале поддршка од помладите, но имало и негодување од постарите станари.

    „Секогаш постоеле и ќе постојат добри и други понепријатни ситуации. Ова е јавно место и предизвикува различни сфаќања. Можам да ги споменам разните детски интересни прашања, но и исфрустрираниот тон од постарите луѓе кои останаа поконзервативни. Тие индиректно ни зборуваа дека се против ваквиот начин на творење“, вели Дејвид.  

    Уметниците посочуваат дека секогаш е добредојден нов и современ изглед на постоечките фасади. Доколку се продолжи со слично темпо, ќе се подигне активноста за цртање на мурали, па Куманово може да стане најпретставителен град во Македонија. Луѓето највеќе се интересираат за изборот и самата инспирација на еден мурал.

    „Интересен е фактот дека ваквите проекти и настани највеќе даваат простор за засилување на самодовербата. Допринесува многу тоа што бев дел, не само како лична сатисфакција дека создаваш нешто ново туку и се туркаш самиот себеси во тоа што го работиш. Знаеш дека твоите дела биле допадливи до тој степен што некој одлучил да направиш и за него“ , додава уметникот.

    Овој вид на уметност е распространет ширум целиот свет. Во Европа, има голем број на локации кои нудат погледи што маѓепсуваат. Најчесто се креираат мурали на познати личности кои се починати, но оставиле голема трага во детствата на луѓето. На тој начин се забележува ликот и секогаш може лесно да се потсетите на своите идоли. Уметниците ја предложуваат Шпанија и Германија како држави кои највеќе вложуваат во уличната уметност, графитите и муралите. На Балканот, тоа се Србија и Хрватска.

    Се очекува продолжение на овој проект. Со ова, тие сакаат да испратат порака до сите сограѓани слободно да се охрабрат и да ги ангажираат локалните уметници.

     Станарите планираат целата зграда да биде обиколена со мурали. Исто така, во план имаат мини-фестивал каде заедно ќе работат повеќе уметници од цела Македонија. Во дел од дворот, заедно со околните влезови, може да се реновира просторот за рекреација со нови лулашки и игралиште за фудбал. Заедно со нивните средства, ќе им биде потребна и финансиска помош од Општината.

    (Дарко Давитковски)