Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со изведба на претставата „Смрт и девојка“ во Центарот за култура во Куманово вечерва ќе го одбележи 27 март- Светски ден на театарот. Ова ќе биде 5 реприза на најновата продукција, по премиерата која се одржа на 15 февруари.
Пред почетокот на претставата ќе бидат прочитани меѓународната порака на Теодорос Терзопулос, театарски режисер, едукатор и автор од Грција и македонската порака на Емил Рубен, филмски и театарски актер во пензија. Честа да и се обратат на публиката е на најмладите членови на ансамблот Анастасија Величковиќ и Никица Јанковски.
Планираните активности се во рамките на традиционалниот начин за одбележување на празникот.
„Секоја година на овој датум имаме изведба на претстава, а организиравме и трибини со истакнати театарски работници. За ова година сметаме дека денот треба да се одбележи пригодно, но тивко, со оглед на неодамнешните случувања во Кочани. Сепак радува фактот што имаме добра претстава, која е навистина популарна кај публиката, редовно е полна малата сала. Не застануваме на 6 изведби, има голем интерес кај граѓаните“, истакна директорот Сашо Тодоровски.
Одлуката за инетрнационален ден на театарот е донесена на 9 Светски конгрес на Меѓународниот театарски институт (ITI) во 1961. Веќе во 1962 година Жан Кокто ја напишал првата меѓународна порака за театарот.
Се препорачува и граѓаните да се приклучат кон одбележување на денот, со што ќе ја дадат својата поддршка на сценските уметници и работници. Секој кој има можност да посети и изгледа театарска претстава во својот град, да обрне внимание на меѓународните пораки и да помогне во зголемување на јавната свест за значајот на театарската уметност.