Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Полиција и приватно обезбедување денеска беa присутни во зградата на Комитет, пред почетокот на Годишното собранието на Здружението на пензионери во Куманово, откако група незадоволни членови бараа да присуствуваа на седницата.
Полициските службеници биле повикани превентивно да не дојде до инцидент, додека приватното обезбедување вршеше проверка кој од пензионерите може да влезе во кружната сала за состаноци.
„Ова седница треба да е јавна, и не само ова туку и сите други седници, тоа го предвидува членот 41 од Статутот на здружението. Ако кружната сала е мала, и физички не е возможно да не собере сите, ќе се обезбеди поголем простор. Се прашуваме зошто состанокот не е закажан во големата сала. Не може да одлучуваат само поединци, кои се изберени од овие членови на кои денеска не им се дозволува да присуствуваат на собранието“, вели пензионерот Мирослав Цветковски.
Пензионерите прашува зошто се крие завршната годишна сметка, дали за да не се обелоденат злоупотребите на финасиските средства. Групата незадоволни членови тврди дека се поднесени 7 кривични пријави до Одделението за економски криминал во полицијата, за работата на актуелното раководство.
Тие се сомневаат дека на седницата ќе се изврши промена на Статутот на здружението со кој раководните структури ќе имаат поголема самостојност во одлучувањето, и нема да имаат потреба од одлуки на Собранието по прашање за надоместоци, дневници, патарини.
Според дневниот ред, на редовното Собрание на Здружението на пензионери во Куманово денеска ќе се разгледува финасискиот извештај за 2024 година, ќе се утврдува финасискиот план за тековната 2025 година, планот за работа на Собранието за годинава, како и извештаите за работа на извршниот, надзорниот и одборот за статутарни прашања, и плановите за тековната година.
Пред кружната сала во Комитет имаше група од 20-тина незадоволни членови.
Подоцна полицијата си замина, а остана само приватното обезбедување.
Пензионерите тврдат дека не се политички мотивирани да ја попречуваат работата, туку бараат да бидат повеќе информирани за работата на здружението, бидејќи таа се финансира од членарината што тие ја плаќаат.