Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По неодамнешните превирања во СДСМ, кога дел од советниците преминаа како независни, во партијата тврдат дека сега состојбата е нормализирана и бројот на членови постојано се зголемува.
Шефот на изборниот штаб, пратеникот Оливер Спасовски ги повика членовите да бидат дел од победничкиот тим на локалните избори, несакајќи да се изјасни за најавата на довчерашниот сопартиец Виктор Цветковски, дека на локалните избори ќе се кандидира како независен кандидат за градоначалник на Куманово.
- Јас не сакам воопшто да го коментирам Цветковски во овој период, заради тоа што тука најмногу се огледа личниот пред општиот интерес во Куманово. Тој тргна по свој пат, си одбра како ќе се движи понатаму. Ние цврсто стоиме зад ставовите кои ги има СДСМ. Навистина голем број луѓе после таа кандидатура доаѓаат сами и се приклучуваат во штабовите на СДСМ, револтирани од она што некој го прави. Мислам дека тоа е диригирано од други структури во партијата. Упатувам јасна порака на секој член на СДСМ, да не изостане да биде дел од победничкиот тим во март и немој да дозволи да биде дел од просторија во која нема да се чувствува среќно. Вратите се отворени за секој член, за секој симпатизер, тука заедно мора да прославиме уште една победа во март - изјави Спасовски.