Српската заедница организира свечена академија за Свети Сава
Српската заедница во Македонија регионален одбор во Куманово, организира свечена Светосавска академија во театар Куманово во вторник со почеток од 19 часот.

Настанот се организира по повод националниот празник на Србите во Македонија. На оваа манифестација најавени се високи претставници од Србија и Македонија. Исто така предвидена е и богата културно уметничка програма, а специјални гости ќе бидат Етно група Траг од Бања Лука со актерот Горан Јокиќ, Глигор Гелебешев и Александра Коцевска од Музичкото училиште од Скопје, а свој настап ќе има и КУД "Српски вез" од Куманово.
Свети Сава има огромно влијание за развојот на културата и образованието за Србите, српскиот народ било каде да се наоѓале. Растко Немањиќ се одрекува од својот престол и заминува за Света Гора каде што се препушта на духовноста, гради голем број на цркви, манастири, работи на образованието и развојот на српската духовност и култура. Од овие причини е земен овој празник и Српската заедница во Македонија со години го одбележува овој значаен ден за нас. Во повеќе градови во Македонија се организираат овие светосавски академии - изјави Горан Зафировиќ, потпретседател на Српска заедница во Македонија.
Српска вечер вечерва ќе има во Тетово, во понеделник во Битола ќе биде прикажан филм за Кајмакчалан, во вторник е свечената академија во Куманово, а централната прослава ќе биде во среда во Скопје.