Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓаните тврдат дека паркингот зад зградата е нивна сопственост и нема да ги продолжат договорите за плаќање паркинг услуга.
Станарите и сопствениците на дуќани во зградите над „Сума„ бараат да бидат ослободени од плаќање на надомест за паркинг простор. Тие тврдат дека паркингот зад зграда каде ги паркираат автомобилите е нивна сопственост и затоа е недозволиво некој друга да го рента на нивна сметка.
Нека ми дадат белешка да можам да се паркирам кај сакам, а овој паркинг нека го користат и нека наплаќаат. Станарите од зградата кај “Мома“ имаат обележано простор и не плаќаат, а зошто тогаш ние да плаќаме? Имам три ќерки, и кога ќе дојдат на гости на автомобилите им ставаат канџи и мора да платат по 1000 денари да ги извадат - вели Стојан Јовановски, станар.
Во изминатите две години, сопствениците на становите месечно плаќале по 375 денари за паркинг простор, а на 15 август им завршил договорот со ЈП “Куманово - паркинг“. Револтирани што последниве денови пајак-службата им ги собира возилата, тврдат дека нема да потпишат нови договор доколку не им се дозволи бесплатно паркирање на автомобилите.
Ќе се организираме, само ќе си ставиме рампа и ќе си го користиме паркинг просторот што ни припаѓа. Тортура се врши врз нас. Ќе поднесеме и тужба против претпријатието бидејќи без договор им земаат пари на луѓето - рече Славе Стојковски, сопственик на деловен простор.
Од ЈП“Куманово - паркинг“ велат дека одлуката за стопанисување со јавен паркинг простор ја донел Советот на Општина Куманово, а тие само ја спроведуваат.
Ние како јавно претпријатие немаме надлежност да ги ослободиме граѓаните од плаќање на паркинг место. Одлуката е донесена од Советот, и ние сме должни да ја спроведуваме, независно дали на граѓаните им се допаѓа или не. Досега кај нас никој не поднел писмено барање за ослободување од плаќање, но јас сум расположен да се сретнам со нив и да видам во што е проблемот - изјави Фадиљ Шабани, директор на ЈП“Куманово - паркинг“.
Уште при донесување на одлуката за зонско паркирање, најголема дилема беше како ќе се врши наплата на паркинг место на станарите во централното градско подрачје.