Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стечајните работници од Куманово во четврток ќе протестираат пред Собранието на Република Македонија.
Тие ќе побараат од Владата да се реши нивниот статус до вработување или пензионирање.
Тој што ќе дојде, доаѓа за себе. Дајте да излеземе како здружение, и не гледајте ги другите од други градови. Не гледајте политичари, тие живеат дебело, а ние немаме денар во џеб. Треба еден протест и пред МТВ да се направи, ама се тоа ќе видиме. Утре одиме до ЕВН во 18 часот. Видовте лозарите, тутунарите, побараа и добија плус 2 денари. Нас никој не не спомна. Не може некој да не игнорира. Ако немаме пари, да покажеме дека имаме памет - рече Лилјана Ѓоргиевска, претседател на УНИТ.
Градоначалникот Зоран Дамјановски заедно со пратеникот Оливер Спасовски ги посетија стечајците на договорниот состанок. Дамјановски потсети дека Општината во согласност со законските можности помогна 880 семејства да се ослободат од сметки за вода и ѓубре, а на 200 луѓе имј обезбеди карти за превоз.
Оваа борба трае десет години. Луѓе во добра физичка кондиција се оставени на маргините. Донесени беа закони кои не го опфатија целиот кампус. Преку наши претставници во Парламентот се обидуваме да исправиме историска грешка. Вие знаете дека Куманово има 35.000 невработени. Јас тука имам ограничени можности - изјави Дамјановски.
Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ вели дека власта направила политички маркетинг со ветувањето дека социјално загрозените семејства ќе добијат огревно дрво на попуст. Според негови сознанија, и годинава нема да има огревно дево за сите социјалци.
Јас прашувам луѓе во Македонски шуми и тие велат дрва дека немаат на лагер. И во други градови на колеги истото им го кажале. Кога ќе отидат со потврда луѓето, дрва ќе нема. На тоа прашање треба да одговори министерот за труд и социјала Спиро Ристоски. Исто за субвенциите за сметките за струја, требаше да се плаќа за период од шест месеци, а платено е само за два месеци. Друго ништо не е покриено - додава Спасовски.
Според него, помалите партии кои се дел од власта имаат волја да помогнат да се донесе Законот за стечајци, но премиерот Никола Груевски и ВМРО - ДПМНЕ не сакаат овој проблем да се реши.