Стечајците најавуваат штрајк со глад
Стечајците од здружението УНИТ најавуваат радикални протести пред министерства и штрајк со глад, затоа што шести пат по ред беше одбиен од власта законот за нивно обештетување.

Кога ќе започнат со протестите и блокадите на сообраќајниците ќе зависи од политичката состојба во државата. Стечајните работници својот револт ќе го искажат пред Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии и Владата.
Ако тоа не помогне, ќе има штрајк со глад пред Влада. Ќе почнат прво координаторите, а потоа ќе може секој член да ни се придружи кој ќе може и кој ќе сака. Донесовме одлука до почекаме да престане со работа Собранието. Ако има избори ќе мора да стопираме, затоа што за време на избори нема логика да излегуваме и било што да правиме. Сепак од политичката ситуација во Македонија ќе зависи и нашето делување. Досега бевме мирни, ајде да не правиме проблеми, меѓутоа ќе мора да се вратиме на улица -рече Лилјана Георгиевска, претседател на УНИТ.
Таа вели дека смртноста кај стечајците е голема, не можат да си ги подмират основните трошоци и се принудени со порадикални мерки да се борат за своите права.