Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Нема село по течението на реката Пчиња во општината Старо Нагоричене, кое не е зафатено од големите поплави.
Почнувајќи од селото Пелинце на самата македонско-српска граница, па преку Алгуња, Челопек, Коинце, Страновац, Драгоманце, Старо Нагоричане, Младо Нагоричене и Стрезовце, под вода вчера осамнаа стотици хектари обработливо земјиште. Водата зафати и неколку викенд куќи, но без поголеми последици. Градоначалникот на општината Старо Нагоричене Милован Стојковски, раскажува дека надоаѓањето на големата вода започнало во петокот околу 15 часот, а веќе во 17-18 часот реката се излеала од коритото.
Водата од Србија донесе многу искршени дрвја и гранки, кои ги затнаа мостовите кон Враготурце и Коинце. Протокот беше намален и водата почна да излегува од коритото. Кризниот штаб на општината заедно со РЦУК веднаш излезе на терен и почнавме со расчистување. Со водената стихија се боревме цела ноќ во петокот на сабота, но безуспешно. Толкава вода не може ништо да ја сопре, носеше се пред себе. Вакви поплави не паметат ни најстарите жители на општината, -вели Стојковски.
Градоначалникот додава дека ќе треба многу време да се повлече водата и да се исчисти тињата од нивите. Вчера со тешка механизација се чистел сметот што е нанесен на мостовите и патиштата во селата. Се прочистуваат и селските долови за да се спречи ново излевање на водата.
Среќа во несреќа е што нивите не се засадени, па неможе да се зборува за претрпени штети. Ние одиме во обиколка на целата општина и помагаме каде е неопходно. Денеска сме во околина на селото Стрезовце, каде покрај нивите има зафатено неколку викендички, - раскажува градоначалникот.
Тој вели дека водата веќе се повлекува и се враќа во коритото на Пчиња, но се плаши дека доколку продолжи врнежливото време полавите можат да се повторат.