Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Фондацијата за култура и спорт не открива колкави хонорари ќе добијат учесниците на концертот, кој се одржува по повод 11 Ноември - Денот на ослободување на Куманово.
Општината за овој настан ќе ангажира над 20 изведувачи на забавна и народна музика, кои ќе испеат по неколку песни на Градскиот плоштад во Куманово, и за сите вкупно ќе исплати 1.8 милиони денари или 30.000 евра само за хонорари.
Марио Арангеловски, в.д. директор на Фондацијата, тврди дека поради клаузулата за доверливост во договорот не можат да открие колку ќе се исплати на секој изведувач.
„Постигнати се договори со повеќе од 20 изведувачи, но висината на нивните хонорари е деловна тајна. И кога имаме само еден изведувач се открива само целокупната сума, но кој колкав дел од колачот наплаќа никаде не се открива, значи имаме обврска како договорна страна да не откриваме поединечна исплата за ниту еден изведувач“, објаснува Арангеловски.
Наспроти ова, советничката на СДСМ, Атина Мургашанска, поранешна претседателка на Советот, вели дека Општината не само што треба, туку има законска обврска да ги каже хонорарите на изведувачите, бидејќи не постои деловна тајна кога се работи за пари на граѓаните.
„Обврска за доверливост може да имаат изведувачите, но не и Општината која ги дава парите. Оваа нетранспарентност само остава простор за сомнеж, иако можеби нема основ за такво нешто“, вели Мургашанска.
Оваа година на концертот ќе настапат: Владо Јаневски, ДНК, Тамара Тодевска, Ламбе Алабаковски, Антониа Гиговска, 2 Бона, Слаткаристика, ИвонаЈо, Наум Петрески, Маргица Антевска, Пајак, Марио Арангеловски, Куку Леле, Мартија Станојковиќ, Лука Чомбе, Миле Кузмановски, Нино Величковски, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски и Шпенд Латифи, водител е Стефан Лазаров, „Фис бенд“ ќе ги пратат изведувачите кои ќе пеат во живо, и диџејот Боно ќе пушта музика на оние ќе настапат на матрица.
Останатите 200.000 денари, од одобрениот буџет од 2 милиони денари се предвидени за покривање на трошоци при креирање и објавување на пропаганден материјал, маркетинг, како и угостителски услуги, односно, исполнување на рајдер листа за секој изведувач поединечно. Со предвидените финансиски средства треба да се покријат и трошоци настанати при ангажман на вонредно физичко обезбедување, надворешни соработници при транспорт и поставувaње на метални огради, дел од сценографијата, како и изнајмување на бинска опрема, стои во образложението на институцијата на новинарски прашања.
Во предвечерието на празникот 11 Ноември и одбележувањето на 505 години од постоењето на Куманово и 80 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор, концертот ќе започне во 20 часот.
„Концертот нема да трае цел ден и покрај големиот број на изведувачи, закажан е почеток во 20 часот и ќе заврши некаде до 23.30 часот. Има недоразбирање поради големиот број на изведувачи, многумина се прашуваат дали концертот ќе трае цел ден, затоа што не им се верува дека во концерт од 3-4 часа може да вклопи ваква програма. Сите 20 изведувачи со нивните најголеми хитови ќе се претстават на кумановската јавност, односно на сите љубители на македонската музика“, кажа Арангеловски.
Тој посебно потенцираше дека огнометот ќе биде во периодот од 21.30 до 22 часот, и ги предупреди граѓаните чувствителни на пиротехника и бучава, како и сопствениците на миленичиња да преземат неопходни мерки за да се заштитат.