Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска го разреши директорот на Општа болница Куманово, д-р Стефан Трајановски, поради пропусти во лекувањето на Ведат Адеми (32), кој завчера починал од алергиска реакција по примена инфузија, во дневната болница на Хируршкото одделение.
Таравари кажа дека коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ знае за смената на директорот д-р Стефан Трајановски.
Министерот бил во посета да изрази сочувство на семејството Адеми, по што даде изјава за новинарите.
„Пред да дојдам тука го прочитав извештајот подготвен од ДЗСИ и од него може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови да се разреши директорот на Општа болница Куманово, и директорот е веќе разрешен од функцијата. Се надевам веќе утре, по консултации со колегите од министерството веќе ќе назначиме нов директор“, кажа Таравари.
Тој најави дека целата документација треба да ја разгледа професионалниот тим на Министерството за здравство, по што сите документи ќе бидат предадени на обвинителство.
„Се надевам дека судството ќе донесе правична одлука доколку постои лекарска грешка. Меѓутоа, треба да бидеме свесни дека и ние кои водиме институции и тие што лекуваме пациенти, доколку има пропусти мора да се одговара. Затоа, јас и министерството од утре ќе излеземе со името на новиот директор“, додаде Таравари.
Министерот не сакаша да прецизира кои се точните причини за смена на директорот Трајановски.
„ Јас мислам дека не е коректно пред јавноста да се презентираат детали, кои потоа треба да се дадат и на професионалната комисија и на Обвинителството. Но мислам дека веќе постојат индиции дека тој што ја организира работата во болницата требало да внимава и да не се случуваат такви работи“, кажа министерот.
Директорот Трајановски за разрешувањето дозна од новинарите. Тој предходно не знаеше ни дека министерот е во Куманово, а изјавата прво беше закажана пред Кумановската болница, а потоа планот беше сменет и се одржа на плоштадот во центарот на градот.
На новинарското прашање дали за смената знае коалицискиот партнер, Таравари кажа дека знае.
„Секако. Нон - стоп сме во координација со коaлицискиот партнер, каде што има грешки постојано бараме едни на други да има одредени промени и ги правиме“, кажа Таравари.
Во Општата болница во Куманово завчера ненадејно починал Ведат Адеми од Куманово, откако примил терапија поради болки во стомакот.
„Во 11:35 часот, во СВР Куманово од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В. А. (32) од Куманово, по што му била дадена терапија и по кратко време починал. Полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и разговор со сите присутни медицински лица. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР.
Телото на починатиот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Семејството на момчето обвинува дека нивниот син починал поради лекарска грешка, бидејќи му била дадена инфузија со лек на кој е алергичен. Директорот на Кумановската болница д-р Стефан Трајановски вчера кажа дека тоа ќе го утврди комисија, која е формирана за да испита дали се испочитувани протоколите при третманот на пациентот.