Мени

Три сквера ќе се градат во Куманово, ќе чинат 150.000 евра

15.05.2026 15:49 | Сузана Николиќ

На три локации во Куманово ќе се градат мини-плоштади и уредени урбани површини. 

Три сквера ќе се градат во Куманово, ќе чинат 150.000 евра

Тие се предвидени кај зградата на „Вајкики“, на Градскиот плоштад каде што беше отстранет кафулето „Клуб“ и на улицата „11 Октомври“, на местото каде што беа отстранети времените објекти.

„За оваа намена се предвидени 9,5 милиони денари. За делот кај „Вајкики“ се предвидени 4 милиони денари, за дел од плоштадот 2,5 милиони денари, а за просторот над џамијата 3 милиони денари. Просторот ќе се реконструира, ќе се постави урбана опрема, осветлување, детски реквизити, зеленило, а планирано е и поставување скулптура“, изјави раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг-Спасовска.

Советникот Благојче Јакимовиќ од НСДП праша зошто се предвидени толку големи средства за, како што рече, мали површини и оцени дека пресметките не се реални. Според него, парите ќе бидат залудно потрошени, па предложи да се уредат како паркинг или зеленило.

„Предвидени се 56.000 евра за уредување на 100 квадрати кај „Вајкики“. Па дали е ова реално, за тие пари куќа може да се направи? Ова е исто фрлање на пари како што минатата година беа потрошени 110.000 евра за клупите и фонтаните на Градскиот плоштад и Кејот, кои сега не функционираат“, рече Јакимовиќ, додавајќи дека скулптурата „може да биде и бекатон-плочка“ .

Раководителката Ланг-Спасовска му одговори дека на трите локации, според ДУП-от, не е предвидена изградба на паркинг-простор, туку партерно уредување.

Советниците од опозицијата изразија сомнеж дека скверовите ќе бидат квалитетно изработени, оценувајќи дека општината веќе ги покажала своите капацитети преку реконструкцијата на малиот плоштад.

Наспроти нив, советниците од власта велат дека целта е да се добијат повеќе функционални и уредени јавни простори во централното градско подрачје, кои ќе придонесат за поубав изглед на градот и поквалитетен урбан живот.